Македонија го одбележува Денот на победата над фашизмот

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во име на Владата и во свое име го честита 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
„Се поклонуваме на борците кои ги положија животите за пораз на фашизмот, од чиишто рушевини е изнедрена македонската државност.
Оддаваме почит и на сите кои придонесоа за големата европска идеја и изградбата на Европската Унија.
Нашата држава секогаш преку дела е на вистинската страна на историјата. Беше на бојните полиња во Втората светска војна, меѓу прогресивните антифашистички сили. Е и денес, рамо до рамо во НАТО и со државите членки на ЕУ, во одбраната на мирот.
На патот на напредокот сме – наш аманет од партизаните, нашиот македонски јазик е рамноправно признаен меѓу европските јазици и како успешен модел на мултиетничка држава, дом на сите граѓани, како што е Европа, местото на Северна Македонија е во ЕУ“, порача премиерот Ковачевски.
Владата организира свечено одбележување на 9 Мај, како значаен датум за РСМ и за ЕУ.
Делегација на Владата во состав се заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование, Јетон Шаќири, положи цвеќе и оддаде почит пред спомениците на партизанските гробишта во Бутел.
На настанот, организиран со високи државни почести, во чест на загинатите борци во НОБ, положија цвеќе и оддадоа почит и делегација на Сојуз на борците од НОАВМ, делегација на Собранието, претставник на Кабинетот на претседателот, делегација на Армијата и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, како и делегација на Град Скопје, на дипломатскиот кор, и претставници на политички партии.