Премиерите на Република Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков денеска договорија да се формираат работни групи кои ќе бидат од повеќе области – инфраструктура, економија, трговија, деловната соработка меѓу бизнис заедниците, образование, култура, а тука ќе биде вклучена и Комисија за историски и образовни прашања.
– Со премиерот Петков денеска доминантно разговаравме за воспоставување на работни групи, во областа на инфраструктурата, економијата, трговијата, иновациите, евроинтеграциите и во областа на образованието и културата. Сметаме дека тоа се области кои значат многу повеќе за граѓаните, за нивната иднина за граѓаните од сите возрасти посебно за младите. Тие се направени како меѓуресорски работни групи во кои нема да учествуваат само политичари, туку ќе учествуваат и претставници на секторите за кои се однесуваат, посочи Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со бугарскиот премиер Петков.
Ова, како што информира Ковачевски, се области во коишто планираат да имаат динамика која ќе биде дури на седумдневно ниво, каде работните групи ќе работат помеѓу себе и ќе можат самите да ја информираат јавноста за тоа што е постигнато и што може да очекуваат во иднина.
Во однос на историската Комисија, како што информира Ковачевски, таа веќе има свој план за работа и врз основа на тоа што го имаат сработено и историчарите кои се членови на таа комисија, како што рече, ќе треба самите да информираат во однос на тоа што и на кој начин договориле врз основа на методологијата и фактите на кои работат.
– Што се однесува до Историската комисија гледате дека овде нема претставници на Историската комисија. Значи, историчарите работат во еден подолг процес, бидејќи се работи сега и за период во минатото којшто тоа го прават врз основа на методологија и врз основа на дефинирање на одредени факти што ги имаат регулирано согласно со методологијата и јас лично се надевам дека прво, членовите на историската Комисија ќе информираат заеднички за тоа што е договорено и дека тоа што заеднички е договорено ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото, вели Ковачевски.
Во однос на употребата на јазиците, Ковачевски нагласи дека ние сме држава која е признаена од страна на Бугарија и која во своето уставно уредување го има македонскиот јазик.
– Ние имаме веќе потпишано билатерални договори со Бугарија во кои се регулира начинот на кој се потпишани тие договори, согласно официјалните јазици на државите. Нашиот македонски јазик е дел од повелбата на ОН и од другите мултилатерални институции и организации во кои ние членуваме и дека согласно со напредокот во работата на комисиите дека во делот на прашањата кои значат подобар живот за сите граѓани и зближување на сите граѓани од двете држави дека сите овие прашања кои се однесуваат на историските делови дека ќе бидат во втор план, а во прв план ќе дојде градењето на добри односи меѓу граѓаните, во зближувањето на граѓаните како и во зајакнување на соработката меѓу нив што ќе ни даде доволен стимул и доволно аргументи да го направиме финалниот исчекор во постигнување на договор со Бугарија и конечно отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, нагласи Ковачевски.