Македонија и граѓаните добија нова влада. Вчера вечер час и половина пред полноќ со 77 гласови ЗА, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја доби поддршката за да ја предводи владата, составена од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ.
По исцрпната дводневна дебата за кандидатите за идни министри и програмата за работа на Владата за 2024-2028 година, Собранието ја изгласа новата влада.
Владиниот кабинет на чело со премиерот Мицкоски го сочинуваат 23 министерства, односно со измените на законот за организација и работа на органи на државната управа, пред две недели, Собранието со двотретинско мнозинство изгласа формирање на 4 нови министерства.
Како што рече премиерот Мицкоски во своето експозе, цел на владата на ВМРО-ДПМНЕ е обнова на институциите, борба против криминалот и корупцијата и конечно владеење на правото.
Нашата носечка цел е да ја обновиме довербата во институциите на државна власт, да ја елиминираме корупцијата и да обезбедиме владеење на правото, изјави Мицкоски.
Пред пратениците и дипломатскиот кор кој го следеше обраќање, премиерот Мицкоски најави веќе од вторник нова инвестиција од 400 милиони евра, а веднаш потоа како што рече ќе се намалат даноците, ќе има покачување на пензиите на пензионерите, но ќе се обезбедат и финансиски средства за капитални проекти.
-Од она што го дознаваме за состојбите во државата, ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост каде институциите се доведени пред буквална пропаст и незапаметена нефункционалност. И за се ќе биде известена јавноста, и ова не го говорам дека имам намера да смислувам изговори или да плачеме над лошата состојба, туку дека одлучно ќе одговориме, затоа што оваа генерација нема опција за неуспех и заедно ќе мора да направиме големи чекори напред. И затоа нема да барам никакви 100 дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш. Впрочем немавме ниту една секунда изминатиов период, кажа тој.
Веќе во вторник најавувам нова инвестиција повеќе од 400 милиони евра, потоа ќе ги намалиме даноците, покачиме пензиите, ќе обебедиме пари за капитални проекти. Доста времето се трошеше на измислени теми, и етнички прашања, време е да се засукаат ракавите решат проблемите и ова да биде влада на економија и развој. Тоа го сакаат сите, вели Мицкоски.
-Ветуваме дека уште во првите 100 дена ќе ги подигнеме стандардите. Ветуваме дека макотрпно ќе работиме, дека ќе се грижиме, дека Македонија ќе се менува, дека ќе се движи напред, дека ќе ве почитуваме и дека ќе бидеме одговорни. Да ја менуваме Македонија. Затоа во првите 100 дена почнуваме фуриозно, со оптимизам, но и со огромна надеж, ќе ги намалиме даноците, ќе ги зголемиме пензиите на 5000 денари, ќе отпочнеме проект со над 200 милиони евра за општински проекти, 1 милијарда евра за македонската економија,нови странски инвестиции за нови вработувања, бесплатни учебници за сите, фронт против корупцијата, борба за раст до 5 проценти на македонската економија, почеток на капитални инфраструктурни проекти и многу други работи, додаде тој.
Мицкоски посочи дека со владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе започне нов силен циклус на економски раст поттикнат од стабилни јавни финансии.
-Централно место во нашата животна мисија е економското заживување. Ќе започнеме нов силен циклус на економски раст, поттикнат од стабилни јавни финансии. Поддршка за конкурентен приватен сектор и значајни инвестиции во иновациите и во информатичката технологија. Нашата цел е да создадеме продуктивни и добро платени работни места, да ја намалиме невработеноста и да поттикнеме средина каде што бизнисите можат да се развиваат.
Мора да постигнеме раст на БДП до 5% годишно. Ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0%- 2,5% годишно. Намалување на невработеноста до 7,5%. Односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за 4 години, завршување на автопатот Кичево – Охрид, реконструкција и рехабилитација на железничкиот коридор 10 и набавка на возови, како и 250 милиони евра капитални инвестиции во општините. Ќе работиме на децентрализацијата, вети Мицкоски.
Ќе направиме формирање на посебен фонд за врвна наука преку кој ќе фатиме чекор со светските истражувачки центри, обнова и реновирање на училишта, како и зголемување на платите во образованието согласно со Колективниот договор, зголемување на буџетот во образованието, силни инвестиции во здравството и нови болници и многу други работи. И конечно одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите и функционерите, истакна Мицкоски.
Мицкоски упати порака и до министрите и соте идни носители на јавни функции дека нивната работа ќе боде предмет на постојана ревизија и евалуација, укажувајќи им дека неморал и потфрлање во делот на работата нема да толерира.
Работата на сите предложени кандидати за јавни функции ќе биде предмет на постојана ревизија и евалуација и ќе има место само за тие со јасна волја, кои се посветени на државата и народот и кон исполнување на програмата, и кои ќе бидат блиски до народот и ќе имаат јасен, морален и професионален компас.
-Накусо оние кои ќе бидат луѓе. Јас разбирам дека грешки се возможни, но грешки кои ќе се исправаат затоа што динамиката која ја планирам е пеколна, темпото ке биде силно затоа што народот очекува од нас резултати, одговорноста која ја имаме е огромна. Се работи за нашиот образ. И за нашата чест. Неморал и потфрлања нема да толерирам. Кој нема да може да се носи со тоа не е погрешно ниту грев да каже, или заедно да утврдиме, и да ја промени позицијата или да биде реконструиран од постојната. Ова важи за сите функционери кои ќе бидат именувани од нашата коалиција без разлика од која партија доаѓаат, вели Мицкоски и додаде:
Вашата одговорност не е пред вашите партиски штабови, туку, запаметете, вашата одговорност е пред граѓаните, и го штитите Уставот и законите. Ќе барам од секого повеќе од максимумот. Немаме време, треба брзи резултати, треба многу работа, мерки, чекори и проекти, на народот му е потребен квалитетен живот и држава која ќе биде негова! Ве уверувам дека вие и идните генерации ќе бидете горди на овој период од нашата историја.
Премиерот Мицкоски ја повика опозицијата за соработка за сите отворени и важни прашања за граѓаните, потенцирајќи им дека нема да го троши времето на политички хајки, но дека ќе има одговорност за секој кој сторил криминал.
Сакам да се обратам и до опозицијата. Вие ќе ја имате мојата подадена рака да седнеме и разговараме за сите отворени и важни прашања. Важни прашања за граѓаните. Јас ќе се однесувам со должна почит кон вашите предлози и не очекувајте политички хајки затоа што нема да го трошам времето на тоа што го трошевте вие. Но ќе има одговорност за секој криминал, дециден е Мицкоски.
Мицкоски е 13-тиот премиер, а ќе ја предводи 20-тата влада во Македонија.
На претседателските и парламентарни изборите на 8 мај, ВМРО-ДПМНЕ издвојува убедлива двојна победа и освои 58 пратеници, додека парламентарното мнозинство го сочинуваат 78.