Европската Унија ќе работи од близу со новата македонска влада за спроведување на реформската агенда и продолжување по евроинтегративниот пат.
Сепак, оттаму велат дека очекуваат земјава да ги спроведе преземените обврски преку промена на уставот и вметнување на Бугарите во него. На дневниот брифинг на ЕК во Брисел, портпаролката на комисијата Ана Писонеро порача и дека земјава мора да го искористи моментумот кој постои во ЕУ за проширување.
-Мислам дека пораката е многу јасна, Македонија мора да го искористи моментумот кој постои за проширувањето за да продолжи решително кон на својот ЕУ пат. Мислам дека сите сте свесни за тоа што ЕУ Советот јасно кажа дека го очекува од Македонија и секако тоа се однесува на уставните амандмани за кои Македонија се обврза да ги направи за да може да продолжи по својот ЕУ пат, кажа Ана Писонеро, портпаролка на ЕК.
Прашана пак за Преспанскиот договор и користењето на уставното име на земјава, Писонеро со порака дека Комисијата очекува двете страни да го спроведуваат договореното, но и дека Унијата изразила жалење за некористењето на придавката „Северна“ од страна на, како што кажа, дел од македонските лидери.
-Веќе кажавме дека жалиме за не користењето на некои од македонските лидери на уставното име на државата, тоа е нешто што е договорено во Преспанскиот договор и јасно е дека сите страни треба да ги почитуваат одредбите од договорот и да ги спроведуваат со добра волја. Тоа имаме да го кажеме, рече Писонеро.
Во меѓувреме, Украина и Молдавија кои аплицираа за членство во ЕУ пред две години, денеска во Луксембург и официјално ги започнуваат преговорите за членство во Унијата. Ваквиот потег дел од медиумите во ЕУ го оценија како дискриминаторски кон земјите од Западен Балкан. Порака дека земјите од регионот треба да се приклучат кон ЕУ пред Украина и Модлавија бидејќи подолго се во чекалната на Унијата, упати и италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.