Македонија нема вакцини, а СДСМ дава половина милион евра за владини кампањи

И додека Македонија среде пандемија има огромен недостиг од вакцини против коронавирусот, Владата на СДСМ ќе даде половина милион евра за некој да осмисли и да реализира две кампањи: за успешна вакцинација и за борба против корупција, а распишува и трет оглас во износ од 100 илјади евра за кој се бара фирма што ќе истражи што мислат граѓаните за владините политики.

На веб0сајтот на Бирото за јавни набавки се бара идејно решение, стратегија за комуникации на социјалните мрежи, печатен промотивен материјал и осмислување ПР стратегија како успешно да помине вакцинацијата и за оваа кампања Владата е подготвена да плати 255 илјади евра.

За втората кампања, пак, за борбата против корупција ќе плати 233 илјади евра. Но, има и трет оглас со кој се бара фирма што ќе истражи што мислат граѓаните за владините политики и за тоа ќе бидат платени 100 илјади евра.

Од Владата не ги коментираат парите што ќе се потрошат. Велат кампањите се потребни. Ќе се борат против лажните вести, но и стравот кај граѓаните од вакцинацијата.

„Истражувањата покажуваат дека половина од населението изјавува дека не е заинтересирано за вакцинацијата. За да се надмине реалниот ризик дека во определена временска рамка нема да стигнеме до потребната бројка од 70% вакцинирани, нам ни е неопходна медиумска кампања од јавен интерес, која нема врска со владино или политичко рекламирање и промоција на владини активности, туку целосно, објективно, едукативно и стручно ќе ги извести граѓаните за предностите на вакцините и придобивките од масовната имунизација“, велат од Владата, пренесува 24 ТВ.

Експертите по комуникација за Телевизијата, велат дека кампањите се потребни. Ги имало и ќе ги има. Но важно е како тие ќе се распределуваат кај медиумите.

„Да има однапред утврдени критериуми и правила како и на кои медиуми ќе се доделуваат тие средства за емитување. Односно, потребно е таквите критериуми да значат дека секој може да добие и секој ќе добие според однапред утврдени правила и што е многу важно, вклучување на професионалните здружение во сите тие работи. Третата работа која е многу важна е да се создаде систем кој што ќе важи не само сега, туку и во иднина и ќе биде буквално начин на којшто нема да има влијание Владата или која било друга јавна институција врз начинот на распределба на средства“, уизјави Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност, за 24 ТВ.

Новинарските здруженија веќе ја предупредија Владата дека не ни треба реприза со платените јавни кампањи и враќање на пропагандата, која во минатото се покажа како штетната, кога со пари на граѓаните се вршеше притисок кон медиумите и нивната уредувачка политика. Новинарската фела бара да остане забраната за државно рекламирање и да се отвори дебата за формирање Фонд за поддршка на професионалното новинарство.