Македонија оди на победа против Словачка

Кошаркарите на Швајцарија со победата над Словачка (65-60) спречија Македонија уште вечерва и официјално да биде промовирана во учесник во квалификациите за следниот Мундобаскетот, па сега за тоа да биде официјализирано ќе треба да се почека исходот од нашиот утрешен дуел со Словаците.

Шансите да не ја оствариме посакуваната цел се изразуваат во промили, со оглед што на жолто-црвените не само што не им треба триумф на последниот дуел од претквалификацискиот турнир во Скопје, туку ќе можат да претрпат и убедлив пораз и пак да се најдат во европската елита. Според математиката, избраниците на селекторот Драган Бајиќ не би се нашле во квалификациите за СП 2023 само ако загубат во утрешната пресметка со 28 или повеќе поени разлика. А, такво нешто, со оглед на прикажаното на досегашните средби и фактот што убедливо ја совладавме Словачка во првиот дуел (69-47), ќе биде еднакво на – осмо светско чудо.

Швајцарците пропуштија шанса со поубедлив триумф да си ги зголемат шансите за евентуален пласман меѓу првите две селекции што ќе одат понатаму, со оглед што пред крајот на третиот период имаа дури и плус 22 (55-33). Но и вака тие имаат реална можност да и се приклучат на Македонија во квалификациската фаза, за што им треба победа на нашата селекција или, пак, пораз на жолто-црвените не поголем од 15 поени разлика или, пак, словачки триумф со 28 или повеќе поени.

Мечот помеѓу македонските и словачките кошаркари, со кој ќе се затвори турнирот во „Јане Сандански“ ќе се одигра утре со почеток во 19 часот.