Македонија пред нов ковид бран, утре Комисијата за заразни болести ќе одлучува

Можен нов Ковид бран, вакцинацијата и почитувањето на мерките клуч за излез од пандемијата

До крајот на оваа недела или почетокот на идната ќе биде јасно дали зголемениот број на заразени со коронавирусот е почеток на нов Ковид бран. Комисијата за заразни болести ќе се состане утре, но според министерот за здравство Венко Филипче нови рестриктивни мерки не се потребни.

На состанокот ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на Ковид-состојбата во земјата. Филипче вели сите опции се отворени, но мора да бидат издржани и спроведливи.

Вакцинацијата и почитувањето на мерките (носење маска и држење дистанца), се клучот за излезот од пандемијата. Министерот на вчерашната прес-конференција во Владата оцени дека невакцинираните го оптоваруваат здравствениот систем. Засега, вели, не се размислува вакцинацијата да биде задолжителна, а за други мерки, вклучувајќи и некаква препорака, еден од главните индикатори ќе биде оптовареноста на болниците.

– Тешко можеме да ја предвидиме динамиката. Болничките капацитети се подготвени, лекарите и медицинските сестри, но мора граѓаните да знаат дека здравствените работници се преморени зашто интензивно работат целокупниот изминат период. Затоа апелирам, граѓаните интензивно да се имунизираат. Многу е важно бранот да се пресретне, истакна вчера Филипче.

Според него, ако актуелните Ковид бројки продолжат, значи дека новиот бран е почнат. Анализите покажуваат дека процентот на новодијагностицирани случаи и минатата во однос на претходната недела е зголемен за 25 проценти. Расте и Р0 факторот на преносливост од 1,05 на 1,14, што, според Филипче, е јасен индикатор дека сега ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка состојба што ја имавме во претходниот период.

Во однос на инциденцата на ниво на целата држава, последните две недели во однос на претходните 14 дена е зголемена за 28,5 проценти во 35 градови, а во други седум е непроменета или има одредено намалување. Ваквиот раст, посочи министерот, е очекуван, имајќи предвид што се случува во земјите од регионот каде има огромен број новодијагностицирани и силен притисок кон болниците во смисла на зголемена потреба за хоспитализација.

– До крајот на оваа недела или најдоцна на почетокот на следната недела ќе заврши постапката за секвенционирање на вирусот за да видиме каква мутација е сега доминантна и за тоа денеска разговаравме со директорот на Институтот за јавно здравје, рече Филипче.

И бројот на пациенти кои се хоспитализирани минатата недела во однос на претходната недела бележи раст за 15 проценти.

Досега во државата, како што информира Филипче, се аплицирани над 1,6 милиони дози вакцини, прва доза примиле 810.000 граѓани, околу 8.000 се пријавиле дека се вакцинирале во странство, ревакцинирани се над 780.000 граѓани, а трета доза примиле 46.000 граѓани.

Има доволно вакцини, а најавени се и донации од европските земји. Заклучно со вчера има 200 илјади вакцини „Фајзер“ со различен рок. Се уште нема конкретна информација за можноста да се набави вакцината „спутник“.

Во врска со лекот на „Фајзер“, Филипче истакна дека се уште е во фаза на клиничка студија и затоа засега нема да се набавува.

Во овој момент нема пациент кој примил трета доза вакцина, а е хоспитализиран. Филипче повтори дека како трета доза, се препорачува да биде примена вакцината Фајзер. Притоа е неважно која вакцина била аплицирана во првите две дози.

Во претходното деноноќие од 3.597 тестирања беа регистрирани 656 нови случаи на Ковид-19. Оздравеа 273 пациенти, а починаа 13 лица на возраст од 65 до 86 години.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 207.566, бројот на оздравени пациенти е 191.922, на починати е 7.276, а бројот на активни случаи изнесува 8.368. Речиси половина од активните случаи се од Скопје.

На територијата на целата држава меѓу малолетната популација до 18 години има 1068 активни случаи со Ковид-19. Во врска со скринингот на учениците, Филипче посочи дека тој е завршен во најголемиот број од училиштата во државата.

– Тестирани се над 5.000 ученици, а 15 биле позитивни на вирусот. Сега е исклучително важно во периодот кој следи сите овие протоколи кои се пропишани да важат во училиштата, да се почитуваат како што треба за да се заштити целокупниот образовен процес, додаде Филипче.