Македонија можеше денеска во најмала рака да дојде до рекордна домашна победа, но откако во првата третина од мечот ги торпедиравме Гибралтарците, а промашивме уште низа шанси, македонските фудбалери не најдоа начин да постигнат уште некој гол во вториот дел во кој четворица нови играчи добија шанса да дебитираат, Енис Фазлагиќ, Бојан Димовски и Валон Етеми од почеток на вториот дел, а Томче Гроздановски во средина на второто полувреме, за вкупно осуммина играчи кои месецов запишаа први настапи, по Давид Бабунски (Бугарија), Дејан Илиев, Никола Серафимов и Тодор Тодоровски (Гибралтар на гости).
Аматерите од Гибралтар не беа достоен ривал, па откако Енис Барди погоди од слободен удар после само три минути игра, единствено прашање беше со колку голови Македонија ќе триумфира на мечот, а за половина час црвено-жолтите дадоа вкупно четири, а уште толку можеа да додадат, но шансите не ги реализираа во тоталната доминација на теренот.
Gol de Bardhi de falta desde hace año y pico https://t.co/U2BTggV3dg
— Levante Al Día (@Levante_Al_Dia_) June 12, 2022
Тоа што се очекуваше од Македонија дека ќе доминира и нема да има проблеми поради огромната разлика во квалитет се оствари, па после Барди за минута ипол од 13-та до 15 минута, Бојан Миовски даде два сефте гола во националниот дрес, првиот со глава по асистенција на Барди, а вториот со рутинска реализација после одбиена топка, за Дарко Чурлинов да стави печат во акцијата во која исто така рутински погоди после додавањето на Тодор Тодоровски во најефективните половина час на мечот.
А, Македонија можеше до врв да го наполни Гибралтар, зашто Миовски погоди пречка, Чурлинов имаше зицер кој не го реализира од три метри, гостинскиот голман спаси чист гол при удар на Барди од седум метри, Бобан Николов имаше два опасни шутеви кон гол – и сето тоа во тие пеколни 30 минути кога сѐ беше решено на мечот.
За Македонија ова е втора победа во овој јунски циклус и со седум бода завршува на второто место на табелата пред завршните два меча кон крајот на септември, со Грузија на 23 септември на гости и со Бугарија на 26 септември дома во оваа трета сезона во Лигата на нациите.