Македонија се намачи против Естонија

Македонската ракометна репрезентација со победа стартуваше во квалификациите за Европското првенство кое ќе се игра во 2026 година. Во првото коло, на домашен терен во „Борис Трајковски“ нашите најдобри ракометари славеа против Естонија со 37:33.

Пред мечот, Македонија важеше за апсолутен фаворит, но на теренот воопшто не беше така. Добро започнаа избраниците на селекторот Кирил Лазаров. Поведоа со 4:1, а потоа имаа и предност од 12:8. Сепак, наместо да продолжи да се зголемува предноста, гостите заиграа многу подобро посебно во нападот, па до крајот на првото полувреме успеаа да израмнат.

По 30 минути, резултатот беше 20:20. 

Естонија прв пат поведе на почетокот на вториот дел со 21:20, а гостите стигнаа и до два разлика, 26:24 во 42 минута. Тоа како да беше сигнал за македонските ракометари да се „разбудат“ и да заиграат многу подобро. Со серија од 6:2 Македонија поведе со 32:28 во 49 минута, а потоа прв пат поведовме и со пет разлика (34:29 во 50 минута).

Естонците не се предадоа, Македонија промаши два пенали, па во последните две минути резултатот беше 35:33. Следуваа два гола за Македонија и победникот беше решен.

Серафимов со 10 голови е најпревизен, а Митев и Кузманоски постигнаа по седум гола. Кај Естонија најефикасен беше Том со 11 голови. Во следното коло Македонија ќе гостува кај Литванија.