Македонија се вклучува во енергетскиот проект Александропулос со поддршка на САД

Северна Македонија се вклучува во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александропулос. Ова е резултат на средбите пред две недели што нашата делегација ги имаше на конференција во Грција, на која присуствуваше и американскот државен секретар Мајк Помпео.

Денеска поддршка за проектот пристигна од САД, преку помошникот на Помпео за енергетика, Францис Фанон, кој денеска е во Скопје.

„Со поддршка на САД како наш стратешки партнер и сојузник во НАТО, Северна Македонија во наредниот период ќе иницира неколку проекти кои ќе бидат значајни за земјата и регионот. Станува збор за вклучување на земјата во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александропулос, проект кој создава можност за трајно и стабилно снабдување со гас нашата земја, која ќе стане и точка од каде гасот ќе се дистрибуира во регионот и земјите што ќе покажат интерес“, објави премеирот Зоран Заев на прес-конференцијата со Фанон.

Со ова поврзување се обезбедува уште една можност за добивање гас од Азербејџан.

„Она што го гледаме овде е навистина голема трансформција, гледаме развој на еден нов енергетски развој. Грција е еден вид предводник во тоа со инфраструкра за прием на овие ресурси, со приклучување на помали земји во еден поголем пазар што ќе овозможи трансформативен економски напредок и на земјата и на целиот регион“, оцени Фанон.

Местото на Северна Македонија во овој проект е важна во однос на географската положба како регионален центар, што ќе прилече американски инвестиции.

„САД имаат долгорочен интерес за безбедноста на енергетиката во однос на зависноста од енергија и многу години, уште од времето на претседателот Реган, сакаат да промовираат диверзификација на енергија и се создава еден круг на опции, се создава и пазар. Ако имате само еден извор немате пазар, туку зависност“, нагласи Фанон.

Заев рече дека покрај овој проект, американска поддршка има и за повторно функционирање нафтоводот Солун – Скопје за што се водат разговори со Хеленик петролеум, кој е изграден во 2000 година и кој престана да работи од 2013.

„Претстојат преговори со Хеленик петролеум и се надевам ќе изнајдеме пријателско решение за овој капацитет да биде ставен во функција брзо. Идејата на Хеленик петролеум е да го надгради како продуктовод на деривати, со што ќе се создаде хабцентар и освен домашниот, би се снабдувале и пазарите на другите земји од регионот“, рече Заев.