Македонија со пад од 12 места на Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси“

Македонија се најде на 88 место според Индексот на перцепција на корупција на Транспаренси интернешнел за 2024 година, при што земјата има 2 поени помалку од претходната и пад од 12 места на табелата. Претседателот на Транспаренси интернешнел во земјава, Благоја вели дека и оваа година Индексот на корупцијата покажува дека Македонија е далеку под минимумот од 50 поени кои се долната граница под која не може да се каже дека една земја има задоволителни активности насочени кон сузбивање на корупцијата. Ова, според него, е последица на големиот број на скандали во правосудството.

„Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и 40-те препораки на оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори се само дел од скандалите кои го тресеа судството“, изјави Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси интернешнел.

Тој се осврна на случајот со разрешување на судијата Наќе Ѓорѓиев кој беше обвинет за примање на мито и којс е спогоди со обвинителството, како и разрешувањето на судија од Кавадаречкиот суд, Лазар Нанев кој со обвинет се слушнал телефонски 97 пати.

Критика упати и до обвинителството, бидејќи не е ажурно во гонењето на високата корупција, и не ги процесуира иницијативите добиени од Државната комисија за спречување на корупцијата. Притоа и  поранешниот член на советот на јавни обвинители, Иџет Мемети кој доби една година условна казна за примање поткуп.

„Првиот чекор од долгиот пат во борбата против корупцијата е нејзината казнивост и генералната превенција која казнивоста ја има во општеството. Се додека ова не се постигне не можеме да очекуваме позитивни резултати на индексот на перцепција на корупцијата“, изјави Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси интернешнел.

Во однос на регионот БиХ и Србија се подолу на табалета со 33 и 35 поени, а од останатите земји Словенија е највисоко рангирана со 60 поенти, потоа е Хрватска со 47 поени.