Македонија троши два милиони евра годишно за членови на управни и надзорни одбори

Членовите во Управните и Надзорните одбори во јавните институции годишно не чинат околу 2 милиони евра, покажува извештајот на Центарот за управување со промени. Во исплаќањето на нивните паушали се бележи пад од периодот помеѓу 2015 и 2017 година, кога им биле исплатени 2,5 милиони евра. Но тоа не се должи на намалувањето на паушалите, туку едноставно, имале помалку седници поради пандемијата од Ковид-19.

Бројот на седници кои ги одржуваат Одборите зависи од тоа дали членовите земаат фиксен паушал или дневница по седница.

-Онаму кадешто има надомест по седница, бројот на седници е значително поголем, а бројот на точки е значително помал од онаму кадешто овие функции земаат паушал, вели извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска Сачмароска.

Освен што чинат многу, членовите на Управните и Надзорните одбори не сакаат да откријат со каков имот располагаат. Дури 80% од функционерите во државата кои не поднеле Анкетни листови се токму членови на вакви одбори.

-46 лица коишто си ја платиле глобата и повторно не поднесуваат анкетен лист. Од овие 46, 42 се членови на Управни и Надзорни одбори. Тие не сакаат да си го покажат својот имот. Оттука, неопходно е да се донесе Законот за потекло на имот кој чекаме да се донесе и конечно да видиме кој имот чиј е и каде е, вели Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија.

Според извештајот на ЦУП, со 40% од институциите раководат „вршители на должност“. Сител веќе анализираше дека надлежните ги злоупотребуваат „в.д. директорите“ за политички пазарења и задоволување на коалициските апетити при реконструкција на владата. Додека за пониските ешалони за вработување се користи „балансерот“ каде главна квалификација за вработување е етничката припадност, на раководните позиции, во недостаток на Закон за висока раководна служба, се поставуваат кадри кои излегуваат од партиските штабови.

-Не успеваме да воспоставиме „мерит“ систем во тој дел. Законот за висока раководна служба долго време е во колуарите на институциите. Објавен е на ЕНЕР но не е во никаква процедура, а тие политички пазарења влијаат бидејќи во принцип понатаму нема начин како да се проверат компетенциите и квалификациите кога вие веќе ќе ги распределите позициите по основ на некаков коалиционен договор, вели Малеска Сачмароска.

Добар дел од в.д. директорите не можат да станат директори бидејќи не ги исполнуваат критериумите, главно за познавање на англиски јазик кој е неопходен за да се седне во директорската фотелја.