Како што соопшти денеска Сојузот на стопански комори (ССК), Самитот е фокусиран на актуелни теми од повеќе области, но на него ќе биде промовирана и Глобалната платформа на жени лидери од јавниот и приватниот сектор во која првпат се вклучуваат и жени лидери од Македонија.
Промоцијата е во соработка со Здружението на бизнис жени и Светската бизнис организација Македонија.
Глобалната платформа на жени лидери функционира во насока на размена на искуства, креирање јавни политики и хармонизација со глобалните трендови. Ги обединува светските жени лидери од пет континенти од различни области, политика, економија, дипломатија, претприемништво, новинарство. Целта на нашето учество е хармонизација на Македонија со глобалните трендови и прифаќање на можностите жена да биде лидер, на позиција како што е претседател на држава или влада, рече оперативниот директор на ССК Александар Зарков на прес-конференција.
Примарната цел на Платформата е остварување меѓународен дијалог за унапредување на женското лидерство и креирање стратегиски политики за економски развој што подразбира и развој на кариера, глобално партнерство, како и трансфер на знаење и искуства.
Платформата ја нагласува инспиративната улога на жената лидер. Има многу релевантни и успешни примери за жени на лидерски позиции – кандидат за претседател на Америка, жена канцелар во Германија и жена претседател во Хрватска. Тука би ја спомнал комуникацијата на претседателот на ССК Данела Арсовска и претседателот на Република Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ. Китаровиќ ја истакна својата целосна поддршка за иницијативата и за вклучување жени од Република Македонија во Платформата, нагласи Зарков.