![Slika-](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/02/Slika-.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Игралиште „Млади лавови“ во Ѓорче Петров стана првиот фудбалски терен со вештачка трева во Македонија.
Новиот терен, што денеска беше пуштен во употреба, е прв од 10-те игралишта со вештачка трева кои се градат во рамките на проектот на Фудбалската федерација на Македонија со финансиска поддршка на УЕФА.
Изградбата на ваквите современи терени, како што истакна премиерот Никола Груевски, ќе допринесе за поголема мотивација меѓу младите за спорт.
„Верувам дека ваквите услови кај нив ќе побудат уште поголема мотивација за напредок за победи и високи спортски постигнувања, доколку пред 10 години констатација беше дека макеоднскиот спорт и клубови имаат недостиг од спортски терени и развој, денеска работите се сериозно променети, нема град во кој немаме изградено фудбалски терени“, истакна премиерот.
Општината Ѓорче Петров во овој проект учестуваше со сопствени средства во висина од околу 10 милиони денари. Градоначалникот Сокол Митровски вели дека овој терен ќе биде за младите спортисти во општината, но и за сите останати вљубеници во спортот.
„Го пуштаме во употреба овој современ терен со вештачка трева. На ова игралиште е изграден најсовремен дренажен систем и ги исполнивме сите услови кои ги бара УЕФА, ја проширивме заштитната ограда, изградивме пристапен пат со паркинг простор кои ќе бидат асфалтирани“, вели градоначалникот Митровски.
На свеченоста присуствуваа и претседателот на ФФМ, Илчо Ѓоргиевски и претставникот на УЕФА, Давид Патријашвили. Двајцата ја истакнаа важноста на изградбата на ваквите терени за развојот на фудбалот и спортот во земјава.