Доктор Соња Лепиткова државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање и Атанас Костадинов, заменик министер за животна средина и води на Република Бугарија, ја отворија работниот состанок кој на тема „Управување со води“, се одржува денеска во Скопје.
Целта на оваа средба меѓу претставниците на министерствата за животна средина на Македонија и Бугарија е да се зајакне соработката преку размена на искуства и знаења во процесот на спроведување на законодавството, исполнување на стандардите на Европската Унија и подигање на степенот на инвестициите во управувањето со водите.
Процесот на развивање на билатерална соработка меѓу Македонија и Бугарија во полето на животната средина започнат е уште во 2000 година кога се потпиша договор, и досега, како што оцени Лепиткова, соработката е на одлично ниво.
„Како резултат на таа долгогодишна соработка и комуникација, заеднички оценивме дека полето на водите е подрачје на кое можеме заеднички и интезивно да работиме како две блиски соседни држави и таа соработка да ја развиеме на експертско ниво“, нагласи д-р Лепиткова. Изработката на план за управување на сливот на реката Струма беше посочена како прва заедничка активност во област на управување со водите.
Бугарскиот заменик министер Костадинов потсети дека почнувањето разговори со Европската Унија е доста сложен процес и дека најголемите одговорности се токму на Министерството за животна средина.
„Европската Комисија на Унијата, акцентот на својата работа го ставаат во областа на животната средина и најмногу средства ќе треба да бидат насочени во таа област“, рече Костадинов.
Принципите, според европската визија, нагласи тој, сериозно настојуваат екологијата да биде опфатена во сите области во државата, економијата, енергетиката, земјоделството, транспортот и сите останати сектори.