Македонија има целосна поддршка од Полска за европските интеграции

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, денеска оствари средба со државниот потсекретар на Министерството за надворешни работи на Полска, Хенрика Мошцицка-Дендис.

На средбата Бесими истакнувајќи ја стратешката определба на Владата на Македонија за членство во Европската унија,  укажа за напредокот во исполнувањето на критериумите за членство во Европска Унија и за заложбите кои  Владата ги превзема во градењето на добрососедски односи со што на Македонија ќе и се отвори патот кон европските и евроатлтанстките интеграции.

Полскиот потсекретар на Министерството за надворешни работи, Дендис, истакна дека Полска силно се залага за проширување на Европската Унија и ќе продолжи да ја поддржува Македонија на овој пат, потенцирајќи дека стојат на располагање за размена на нивното искуство во имплементирањето на реформите и исполнувањето на критериумите од Европска Унија.

Бесими се заблагодари за поддршка што ја нуди Полска како наш партнер во евроинтегративниот процес на земјата и воедно, истакна дека треба да се работи исто така и на продлабочување на веќе постоечката добра економска соработка, што ќе придонесе кон зголемување на бројот на полските инвестиции во Македонија.

Двајцата соговорници истакнаа дека добрите билатерални односи меѓу Македонија и Полска и понатаму ќе продолжат а исто така ќе се работи на продлабочување на соработката во областа на културата, образованието, науката, здравството, судството и владеењето на правото кои претставуваат главен двигател на земјата кон ЕУ.