Промена на името како основна и крајна цел се крие зад обидот за слабеење на државата и нејзиното разнебитување. Аналитичарите веќе подолго време коментираат дека во Македонија се одвива специјална војна во повеќе фази чија крајна цел е промена на името, преку претходна промена на знамето, химната, грбот, воведувањето на двојазичност во целата држава. За ова пак потребно е формирање на тиранска влада на Бејли и Сорос во Македонија, сметаат политичките аналитичари.
Професорката Татјана Каракамишева-Јовановска смета дека главната цел на платформата е виткање на кичмата на Македонците по прашањето на уставното име.
– И не случајно сега се вклучуваат фанфарите на т.н. експерт Фрчковски и други како него дека до крајот на годината мора да се направи нешто во врска со името. Заев е најпогоден политичар што нема проблем да прифати менување на уставното име на државата. Тој нема проблем да ја свитка кичмата согласно туѓите потреби, така што Заев со две раце, и веднаш би не преименил, ако така му кажат командантите од горе. Тој и онака не се чувствува дека е патриот, ниту пак СДСМ според неговите зборови е патриотска партија. Како непатриотска партија, и како човек непатриот на Заев и на сегашното партиско раководство око нема да им трепне до крајот на годината по дадените инструкции од странскиот сценарист, државата и граѓаните да ги прекрсти со име избрано од сценаристот. На Заев и неговите пајташи не им е важно како ќе се вика државата затоа што тие одамна не се чувствуваат Македонци. Ако ги прашате нив можеме да останеме и без име. Името ним и онака ништо не им значи. За нов е важно само да си се распостелат повладините кабинети. Толку. Се другото понатаму е прашање за некое идно време за кое ќе мислат кога ќе дојде време, вели Каракамишева-Јовановска.
Според аналитичарот Александар Даштевски целата игра што се случува е одраз на притисоците за промена на името.
-Некој прифатил да се промени името – агенда што одредени политички партии ја туркаат уште од 2008 -та година. Јасно е дека се јавија политичари што се согласуваат со промена на името, а тоа значи губење на целиот идентитет и не смее да се дозволи. Ако го промените името, лесно е да ги промените и другите симболи. Албанските политички партии беа повикани кај Еди Рама на разговор, а знаеме дека Рама дојде на власт со помош на Сорос. За неговата Власт паднаа и неколку жртви, што ги претставија дека се жртви на Сали Бериша, а тоа се гледа по документите што ги објави Викиликс. Крајната цел најпосле е да се уништи ВМРО-ДПМНЕ затоа што не се откажува од промена на името, истакна Даштевски.
– Албанската платформа е донесена со сосема друго значење. Ова е еден притисок врз македонската држава за решавање на покрупни проблеми – за решавање на прашањето за името и влез во НАТО Алијансата, истакна безбедносниот аналитичар и универзитетски професор Златко Кескоски.
-Усвојување заедничка и обврзувачка Резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи во процесот за решавање на спорот со името; Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција; Брза интеграција во НАТО и во Европската унија – Исполнувањето на горенаведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската Унија, се дел од точките наведени во Платформата.
Истите се прифатени од страна на Зоран Заев и СДСМ под уцена да формираат Тиранска Влада во Република Македонија, а се однесуваат на промена на името.
Дека Македонија ја очекува промена на знамето, химната, националниот грб потврди и портпаролот на ДУИ Бујар Османи пред две недели. Тој во телевизиска емисија обелодени дел од договорот меѓу СДСМ и ДУИ, каде покрај досега наведеното договорено било воведување на двојазичност на целата територија како и казни за неупотреба на албанскиот јазик до 5.000 евра.
–Овој закон е за употреба и заштита на албанскиот јазик. Тука многу јасно се предвидени механизмите за набљудување на употребата на албанскиот јазик и казнувањето на евентуалното неупотребување на албанскиот јазик. Со прецизни казни се предвидуваат три до пет илјади евра за институцијата, 30% за физичкото лице на таа институција. Дефинирани се сите компетенции на тој инспекторат, но и на агенцијата која ќе го направи стандаризирањето и одбраната. Како член 8 од овој закон, и банкнотите и монетите ќе бидат на албански…, рече Османи.