Како земја претседавач со ЕУ во периодот јули – декември оваа година, Италија ќе продолжи да биде силен поборник за процесот на проширување на Унијата, нагласи италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини на средбата со министерот Попоски. Таа порача дека Македонија може да смета на натамошна активна поддршка од Италија за отпочнување на пристапните преговори.
Попоски ги поздрави искрените и континуирани заложби на Италија за внесување нова динамика во интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, апелирајќи за зголемен ангажман и дополнителен импулс во однос на евро-интегративниот процес на Македонија во претстојниот период.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу Македонија и Италија, кои се одраз на взаемна почит, пријателство и блиска соработка не само во меѓусебните релации, туку и на регионално и на мултилатерално ниво.
Покрај за политичките, министрите Попоски и Могерини разговараа и за можностите за продлабочување на економските односи и зголемување на трговската размена. Беше нагласена и важноста за продолжувањето на италијанската развојна соработка и проектна помош, во функција на поддршка на напорите на Владата за натамошно унапредување на степенот на исполнување на европските стандарди во различни сегменти на општественото живеење.
За време на посетата беше потпишан и билатералниот договор меѓу Република Македонија и Република Италија за социјална сигурност.