Поголемата здравствена заштита на бремената жена, мајката родилка и нејзиното дете, ќе овозможи поголема вклученост на жената на пазарот на труд.
– Обезбедувањето заштита на бремената жена, мајката родилка, нејзиното дете се одговорности на институциите на системот и важно општествено прашање во целина. Заради тоа Собранието на Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за заштита на мајчинството на Меѓународната организација на трудот, со што нашите напори добија правец, а целта беше натамошно подобрување на еднаквоста на жените на работното место и здравјето и безбедноста на мајката и детето, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој се обрати на работилницата.
Владата направи и соодветни промени во Законот за работни односи, што, како што истакна, е чекор напред за утврдување дополнителни стандарди во однос на заштитата на мајката и детето.
– Основната заштита на жената е овозможена со породилно отсуство кое кај нас изнесува девет месеци со што се вбројуваме во земјите кои имаат отсуство со најдолго траење. Минатата година воведовме и ново дополнително право на неплатено родителско отсуство со кое е предвидено работничката да го користи по завршување на основното породилно отсуство. Тоа трае три месеци, а работничката може да го користи до навршување на тригодишна возраст на детето. Притоа на жената и е обезбедена бесплатна здравствена заштита, рече министерот Спасов.
Тој потенцира дека породилното отсуство во Македонија е период на платено отсуство и оти заради поголема материјална заштита на жените во овој период надоместот на плата за време на ова отсуство изнесува 100 проценти од основицата на надоместот на плата.
Во интерес на здравје на детето, како што рече, по враќањето на работа мајката има право на платена пауза за доење во траење од 1,5 час дневно во кое време се засметува и дневната пауза. Тоа право го има работничката до наполнета една година возраст на детето. Исто така работодавачот за време на нејзината бременост е должен да ја прераспредели на друго работно место доколку постојното може да биде ризично по нејзиното здравје.
Спасов потенцира дека во земјава се преземени и мерки за заштита на жените од дискриминација, вклучително и дискриминација поради бременост, раѓање и родителство.
– Забраната за дискриминација се однесува на пристапот на вработување, условите за работа и сите права од работен однос и откажување на договорот за вработување работнички кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права кои произлегуваат од раѓање и родителство. Така работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство. При вработување утврдена е и забраната за барање други исправи и докази кои не се во непосредна врска со работниот однос, а вклучува забрана за барање на тест за бременост или потврда за таков тест при склучување договор за вработување соработничка, без оглед на работното место за кое се заснива работниот однос, рече Спасов.
Сето ова, потенцира тој, укажува на нашата определба како држава во креирање амбиент во кој го поддржуваме семејството преку подобрена заштита на мајчинството. Заштитата на мајчинството е колективна одговорност што, како што рече, подразбира дека институциите на системот, синдикатите и работодавачите треба да работат заедно за унапредување на положбата на мајките на работното место. Покрај закон и регулатива, потребно е да се има и развиена свест бидејќи законите може да бидат идеални, но ако не се почитуваат реалноста ќе биде далеку од идеална, истакна министерот за труд и социјална политика.