
Нови 7.600 мигранти, повеќето од Сирија, влегле од Грција во Македонија од вчера во 18 часот до изутрината во 06 часот, соопшти високиот претставник за заштита на УНХЦР Александра Краусе, пренесе МИА.

Имаме информација од нашите грчки колеги дека нови мигранти пристигнуваат со автобуси, а тие и понатаму ќе доаѓаат, изјави Краусе.
Се проценува дека во последните два месеца од Грција во Македонија влегле над 70 илјади мигранти, чија крајна дестинација се западноевропските земји.
Двојно зголемен бројот на мигранти во Грција
Инаку, двојно е зголемен бројот на илегални имигранти што годинава пристигнале во Грција. Само во последниве четири дена бројот на илегални мигранти достигнал цифра од над 175.000, соопшти Меѓународната организација за миграции (ИОМ), пренесува МИА.
Според податоците на ИОМ, од почетокот на годината, па до вчера, во Грција биле регистриарани вкупно 175.375 бегалци.

Во понеделникот ИОМ соопшти дека од почетокот на 2015-та во земјата пристигнале 88.204 имигранти.
ИОМ оценува дека ваквото драстично зголемување на бројот на имигранти што влегле во Грција се должи на засилениот наплив на бегалци од Сирија, кои од турското крајбрежје се упатуваат кон грчките острови.
Податоците на ИОМ покажуваат и дека годинава вкупно 432.761 имигранти од Блискиот Исток, централна Азија и Африка ги минале водите на Средоземното Море.
Овие имигранти пристигнале до бреговите на некоја од европските земји, најчесто Италија или Грција.
Мигрантите со гумени чамци пристигнуваат на Лезбос
Мигрантите со гумени чамци и понатаму пристигнуваат на грчкиот остров Лезбос, кој во моментов е преполнет со луѓе што пристигнуваат на неговите брегови, пишува Грик рипортер.
Хуманитарните агенции проценуваат дека дневно во текот на минатиот месец на овој остров пристигнуваат околу 2.000 лица, кои од Турција се упатуваат кон Европа.
Инаку со бродовите што грчката влада ги обезбеди за пренос на мигранти од островот Лсзбос, во периодот од понеделникот до четвртокот се пренесени околу 13.000 мигранти.