Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави, г. Џејмс Норман Матис. На средбата беа разменети мислења за тековните политички случувања во Република Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста.
Македонскиот претседател истакна дека пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион. Иванов потенцираше дека Република Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД и дека и натаму ќе се залага за безбедноста, слободата и демократскиот напредок на регионот и активно ќе придонесува во заедничките активности во борбата против тероризмот и останатите закани на глобално ниво.
Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката што САД ја дава на Република Македонија со цел унапредување на реформите во одбраната и безбедноста, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии. Претседателот Иванов изрази задоволство и од соработката со Националната гарда на Вермонт.
Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна, и за тоа сме благодарни на САД. Тоа е влог во иднината. Мораме да бидеме подготвени за новите закани и новите предизвици“, порача претседателот Иванов на средбата со секретарот за одбрана на САД. Армијата на Република Македонија со својата професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан партнер на НАТО и континуирано придонесува во меѓународните мировни мисии на Алијансата. Интензивирањето и унапредувањето на севкупните билатерални односи со САД се од долгорочен интерес за Република Македонија, изјави Иванов.
Двајцата соговорници разменија мислења и за предизвиците и очекувањата за иднината на регионот на југоисточна Европа.