Македонија од ден на ден е под се’ поголем притисок да се федерализира. Од сите страни зачестуваат антимакедонските изјави. По јавните излагања на струшкиот градоначалник Зијадин Села, кој категорично го негира македонскиот идентитет, посочувајќи дека Македонците на постоеле пред сто години, деновиве и пратеничката од албанскиот парламент Месила Дода, зборувајќи за состојбите во земјава во неколку наврати, ја нарече територијата на Македонија „античко албанско наследство“.
Ќе кажам два збора на крајот од ова мое излагање и за една покраина која ми стои во срцето, таа е земјата наспроти Илирида, стара албанска покраина на која денеска и името сме и го заборавиле и некои ја вика Македонија, некои ја викаат ФИРОМ, ние пак ќе повториме Илирида. Ви се обраќам, од тука, од албанската страна на граница, но не се сомневајте за многу брзо ќе се обратам и од другата страна на границата. Оваа држава без никакво значење не може да ја пронајде својата причина за постоење во злоупотребата и непочитувањето на правата на Албанците од Скопје, од Тетово, од Гостивар, од Охрид и од Струга. Завршениот претседател на Македонците им се закани на Албанците со војската на оваа фантом држава. Тој знае дека оваа војска има повеќе албански синови на албански мајки кои не вртат пушка против својот брат Албанец. Албанците од УЧК на Шара вчера се изјаснија дека по секоја цена ќе ја бранат Иллирида, а ние денес им кажуваме, не сте сами Албанија е со вас. Татковината ќе ве поддржува без сомневање, рече албанската пратеничка.
Познавачите велат дека актерите во сценариото за распарчување на Македонија ги покажаа вистинските лица и дека според нив е се’ појасно дека зад т.н. „Албанската платформа“ се крие федерализација на земјава.
Како што гласеше и мотото на иницијативата „За заедничка Македонија“ – „Паднаа маските“ навистина паднаа и сега е евидентно дека станува збор за чиста федерализација на земјата, а не за некаква двојазичност и други права на Албанците, или некаков геноцид кој не постои, бидејќи тоа се утврдува според меѓународното право, туку се работи исклучиво за федерализација на Република Македонија, а која би се одвивала етапно преку двојазичност. Меѓутоа актерите во тоа сценарио не можеа да издржат, па го слушнавме Зијадин Села како изјави дека македонската нација не постоела, како и изјавите кои ги давал порано во кои вели дека на би сакале Албанец премиер затоа што тој би требало да се заколне пред македонското знаме и химна. Но, ако се сменат симболите на државата и се воведе двојазичност, таа ќе биде обезличена и веќе ќе нема причина за нејзиното постоење, вели во изјава за Нетпрес, универзитетскиот професор Александар Даштевски.
Аналитичарите изјавата на албанската пратеничка Дода ја оценуваат како директна закана и најава за воена интервенција врз земјава.
Деновиве бевме сведоци и на изјавата на албанската пратеничка Месила Дода, во која таа повикува на немири во Република Македонија. Повикува некакви борци од Шар Планина да се борат против македонската армија, што не доведуваат до соживот, туку ги уништуваат односите на Албанците и Македонците, како најголеми етнички групи во државата. После ова сметам дека сега, уште повеќе од порано, не треба да се прифати ниту еден единствен збор од платформа кроена во друга држава, посочува Даштевски.
Според универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски несфатливо е како омразата кон некоја партија може да биде над љубовта кон татковината.
Не можам да сфатам како овие „душегрижници“ за демократијата, слободата и правдата, меѓутоа и одлучни борци против, како што самите тие оценуваат, примитивниот македонски патриотизам, не го забележуваат албанскиот шовинизам и албанската ксенофобија, кои бабрат во одредени албански средини (партиски или индивдуални, сеедно) и кои од ден до ден растат и се шират токму пред нивните носеви. Не можам да разберам како остануваат незаинтересирани, ниту можам да разберам зошто во своите медиуми не ги објавуваат изјавите на Зијадин Села, на оние што доаѓаат од Косово или од Албанија, како и обраќањето на албанската пратеничка Месила Доде, член на албанската партија PDIU (Partia Drejtësi, Integrim dhe Unitet/Партија за праведа, интеграција и единство), обраќање полно со омраза кон Република Македонија и со директни закани за воена интервенција (надворешна и внатрешна) врз Република Македонија. Ова не е ништо друго освен своевидно најавување на војна против Република Македонија, пишува во статус на неговиор фејсбук профил филозофот Цуцуловски.
Дека на земјава и се подготвува федерализација преку т.н. „Албанска платформа“, потврдува и поранешниот белгискиот посредник на меѓународната заедница за Пржинскиот договор, Питер Ванхауте, кој во неговиот последен текст објавен на интернет посочува дека федерализмот во деведесеттите бил ефикасна алатка за решавање на конфликти и создава стабилност, и е потребнен на земја како Македонија. Според него, Македонија немало да исчезне дека доколку го признае албанскиот за втор службен јазик.
Што ќе биде најголемата опасност за земја како Македонија? Дали се вистинските барања на албанската заедница, кои за добро и ефикасно решение се можни и покрај тоа што ќе биде потребно да се постават правилни дебати во Собранието – или тоа е авторитарниот стил на некои од лидерите, каде што формирање на влада поддржана од мнозинството од членовите на парламентот е блокирана, каде што не може да се организира локални избори, систем кој е близу целосен колапс? Без оглед на предлогот од страна на некои од политичките лидери и партии во Македонија, земјата нема да се распадне со прифаќањето на фактот дека „сите граѓани се еднакви“. Земјата нема да исчезне преку препознавање на втор јазик, пишува Питер Ванхауте.
Во меѓувреме, од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ 17-ти ден по ред протестираат барајќи отфрлање на Тиранската платформа.
И од ВМРО-ДПМНЕ, посочуваат дека прифаќањето на Тиранската платформа од страна на уценетиот Зоран Заев води во редефинирање и разнебитување на Република Македонија, повторно повикувајќи го лидерот на социјал-демократите да собере храброст и да ја отфрли платформата.
Излезот од целата ситуација е јасен. СДСМ и Зоран Заев треба да соберат храброст и да ја отфрлат платформата.Еве го охрабруваме Зоран Заев повторно. Нека ја одбие Тиранската Платформа, а ВМРО-ДПМНЕ ќе му даде поддршка да формира Влада. Доколку аболицираниот Зоран Заев сеуште смета дека елементите од Тиранската Платформа треба да се прифатат, тогаш за да не ги измами граѓаните повторно како на последните избори, нека прифати парламентарни избори заедно со локални и нека ги вклучи елементите од Платформата во својата Програма. Изборите се најдобрата и најшироката дебата по однос на овие елементи, која може Заев да ја направи, посочи Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Од партијата додаваат и дека крајната цел на сценариото ја открил и Питер Ванхауте и дека тоа е федерализација на Република Македонија.