Премиерот Никола Груевски, денеска, на покана на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје оствари средба со Полковник Александар Александров, раководител на Канцеларијата.
На средбата премиерот Груевски беше запознаен со активностите и работата на Канцеларијата за врски на НАТО, нејзините приоритети и ангажманот во полето на одбраната и подобрувањето на стандардите од областа која е дел од нејзината мисија.
Полковникот Александров истакна дека Канцеларијата за врски на НАТО е целосно вклучена во процесите и активностите кои ги прави државата во полето на одбраната позитивно оценувајќи ја подготвеноста и степенот на професионализација на воените сили на Република Македонија.
На средбата беше изразено заемното задоволство од досегашната соработка на Канцеларијата за врски со Владата на Република Македонија, како и со останатите релевантни и надлежни институции кои работат на евроатланските интегративни процеси на Република Македонија.
Воедно, беше нагласена посветеноста на нашата држава за траен мир и стабилност, која е значаен сегмент за развој на регионот, како и високиот степен на подготвеност која дава перспектива за полноправно членство во европските и евроатланските интеграции.
Како позитивен пример за практична соработка со НАТО, соговорниците го посочија почетокот на имплементацијата на третата фаза од проектот за зајакнување на мостовите во Република Македонија, во вредност од 8,6 милиони евра. Соговорниците изразија подготвеност таквата соработка да продолжи и во иднина.