Република Македонија денес одбележува 23 години од референдумот на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Над 95 %од граѓаните кои што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Пред спроведувањето на референдумот, првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои Декларација за независност. на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина.
Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.