Со оваа победа ставаме до знаење дека опстојуваме на интенцијата во овој циклус да играме значајна битка за место меѓу најдобрите млади селекции на Стариот континент.
Избраниците на Благоја Милевски стигнаа до победата со пресврт по извонредна игра во која комплетно го надиграа противникот кој долго време ни се бранеше, но на крајот потклекна.
За комплетната доминација на Македонија на мечот доволно зборува и податокот дека покрај двата гола имавме уште четири 100% можности и два погодени диреци од Бабунски и Аврамовски, а Македонија имаше повеќе од 70% посед на топка со 12 шутеви кон противничкиот гол, наспроти само три на домашните фудбалери.
Македонската селекција до триумфот дојде со голот на Кире Маркоски во 85-та минута, откако претходно во 43-та минута домашните дојдоа до предност преку Доерти, а веднаш откако стартуваше вториот дел Енис Барди во 46-та минута израмни на 1:1.
По овој триумф, по три кола Македонија има шест бода, за втора позиција во моментов, и пет бода помалку од Исланд кој има и два натпревари повеќе.
Покрај дуелот меѓу репрезентациите на Северна Ирска и Македонија, во рамки на групата 3 беа одиграни уште две средби.
Победа забележа репрезентацијата на Франција, додека Исланд го одигра второто реми во квалификацискиот циклус.
“Триколорите” на домашен терен со головите на Лемар и Рабиот со сигурни 2:0 ја совладаа Украина, додека Исланд одигра реми без голови на гостувањето кај Шкотска.
Група 3, резултати:
С.Ирска – Македонија 1:2
Франција – Украина 2:0
Шкотска – Исланд 0:0
Табела:
1. Исланд 11 бода (5 одиграни меча)
2. Франција 6 бода (3 одиграни меча)
3. Македонија 6 бода (3 одиграни меча)
4. Шкотска 4 бода (3 одиграни меча)
5. С.Ирска 1 бод (3 одиграни меча)
6. Украина 0 бода (3 одиграни меча)