За неполни три месеци проектот „Македонија вработува“ ги дава очекуваните резултати, во овој период вработени се 3.850 лица во Македонија, а во општина Кочани бројот на вработените преку овој проект е 256 лица.
Станува збор за нови вработувања, и тоа претежно во компаниите поголемите инвеститори „Антура“ и „Амфенол“, но и во неколку помали странски компании во општината.
За ова денеска говореше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при посетата на Облешево, каде беше пуштена во употреба новата детска градинка.
Нов проект за зголемување на вештините и способностите на невработените лица
Покрај тоа што говореше за првичните резултати од проектот „Македонија вработува“, министерот Спасов се осврна и на новите проекти, кои што, како што рече имаат за цел да им помогнат на невработените лица да ги зголемат нивните способности и вештините кои ги поседуваат, а со тоа ќе се зголеми нивната вработливост и можноста побрзо да стигнат до работно место.
За новиот проект на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување за обука на побарувани занимања на пазарот на трудот, Спасов истакна дека ќе се обучат 220 невработени, на механизацијата и машините кои функционираат во приватните компании, кои се подготвени да вработат обучени кадри.
– Со ова ќе се зголемат нивните способности и вештините кои ги поседуваат, а со тоа ќе се зголеми нивната вработливост и можноста побрзо да стигнат до работно место. За реализација на оваа мерка обезбедивме вкупно 12.000.000 денари, појасни Спасов.
Караванот на „Македонија вработува“ на обиколка низ државата
Инаку со цел граѓаните и компаниите одблизу да се запознаат со можностите кои ги нуди проектот „Македонија вработува“, тимови на Агенцијата за вработување е во обиколка низ градовите во земјава. Крушево, Прилеп, Тетово, Куманово, Штип, Скопје, Велес, Дојран се дел од посетените дестинации, а на ред се летните туристички дестинации како Охрид и Струга.
Компаниите се интересираат и за другите активни мерки и проекти
Проектот „Македонија вработува“ е број еден, но компаниите се интересираат и за другите мерки и активни проекти, како што се програмите за субвенционирано вработување, потоа за корисници на социјална парична помош. За последните две програми компаниите можат да користат два начина, првиот модус е со бруто плата каде не можат да го користат „Македонија вработува“ и со нето плата каде можа да го користат „Македонија вработува“. Во вториот случај покрај тоа што се финансира шест месечна плата и се дава можност за ослободување од придонеси од 3 до 5 години во зависност во која категорија припаѓа лицето што го вработуваат.