Во Македонија изминативе неколку години се раѓаат по околу 23.000 бебиња годишно. Од овој број повеќето се машки, односно односот е 52:48 или на 100 живородени женски деца 108 се машки, објави дневниот весник Вечер.
Според весникот до средината на декември на Клиниката за гинекологија се родија 5.451 новороденчиња од кои 1.489 со царски рез, а останатите 3.962 бебиња се дојдени на свет со спонтани породувања. Од Гинекологија, исто така, информираат дека годинава се родиле и четири тројки и 129 пара близнаци.
Интересни се податоците кои зборуваат за старосната структура на родилките, бидејќи годинава тинејџерка на возраст од 14 години донела на свет живородено бебе. Најстарата родилка имала 49 години. На оваа клиника годинава се реализирани 57 ин витро оплодувања.
Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија велат дека вештачкото оплодување за осигуреничките е бесплатно и за таа цел од нивниот буџет се одвојуваат околу 60 милиони денари. Годишно за оваа услуга се доставуваат од 800 до 900 барања кои се реализираат и во јавните и во приватните болници.
Во ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство Мајка Терезаа во Чаир годишно се раѓаат околу 3.000 бебиња или по десетина во период од едно деноноќие. Неофицијалните проценки се дека и годинава во приватните и во јавните родилишта бројот на новородени изнесува над 22.000 бебиња.
Статистичките податоци на Државниот завод за статистика на Македонија за 2012 покажуваат дека во Македонија се родиле вкупно 23.752 деца, што споредено со 2011 е за 798 повеќе или претставува раст од 3,5 отсто . И статистичарите утврдиле дека според полот во структурата превладуваат машките деца, односно нивното учество е 51,9 отсто , односно, на 100 живородени женски деца 108,1 се машки.
„Околу 35,1 отсто од живородените деца се од мајки кои се на возраст од 25 до 29 години, потоа следуваат мајки на возраст од 30 до 34 години со 25,1 отсто , а на мајките од 20 до 24 години уделот во вкупниот колач е 23,8 отсто . Просечната возраст на мајката која за прв пат родила е 28,1 години“, анализираат статистичарите и дополнуваат дека лани се регистрирани 26 живородени деца од мајки на возраст под 15 години, како и 2.742 вонбрачни бебиња.
Просечната возраст на мајката при вкупниот број на раѓања е 28 години, а 26,2 години на првите раѓања, односно има благ пораст во однос на претходната година.
Во Македонија во педесеттите години, кога вкупниот број на населението било околу 1,2 милиони жители, се раѓале 50.000 бебиња. Сега во земјава има околу 2 милиони жители, а се раѓаат едвај 23.000 родени бебиња. Бројот е преполовен, а статистиката потврдува дека ваква слика за наталитетот има речиси во сите земји од регионов. Експертите сметаат дека економската состојба има големо влијание на наталитетот, иако статистиката покажува дека земји со мали економии имаат поголем наталитет.