Деновиве, доста е актуелна турлитавата (традиционална, македонска, балканска храна). Им објаснувам на моите пријтели, колку е вкусна и како ја припремам, со разни мевца (свинско, говедско, кобасици, суџук, се заедно исецкано промешано со бамија, по желба и вкус лутеница, лути пиперчиња… па, да се наслади со добро домашно црвено вино…).
Па добро, ме прашуваат моите пријатели: Дали ова го правиш почесто? Па, зависи, најчесто по повод верски празници или родендени на некои од моето семејство…! Па добро ми велат, тогаш оставаме да не’ викнеш на твојот роденден, па да јадеме турлитава! Секако велам! Ти можеш со твојата пензија, ми велат, ама, ние со нашите пензии, тешко: „и ние сакаме турлитава, ама, со 12 или 15 илјади денари „што побрзо да се јаде, давачки, сметки… ние ќе си јадеме тоа што можеме да го протуркаме месецот до крај“.
Така е, им велам: „нас ни ги покачија пензиите за 5,3% (посто), па така, за некои ќе бидат покачени за 500, некои за 600 денари… за мене 1000 денари“. Браво за мене! Ќе си купам лижавче! Срам за Владата и нивната социјална политика! Пензионерите, судските администратори, се по улиците и бараат зголемување на платите и пензиите. Ако им се покачат пензиите, онака како што бараат пензионерите „ќе пропадне Пензискиот фонд“, категорична е министерката на МТСП, Јованка Тренчевска.
Но, ова не важи за „чорбаџиите“ функционерите, правосудтвото, пратениците, директорите… покрај покачените 78% (посто), се предвидува од јануари 2024 година, дополнително да им се покачат платите од 300 до 500 евра. Тоа им го дозволува Законот за плати на функционерите, а нема збор за Законот за регулирање на платите! Па така, во просек ќе добијат и ќе имаат по 2.500 евра. Рајата нека „умира“!
Е моја Македонијо социјална бедо!
Почитувани, пензионери и целокупна македонска раја, ќе преживееме од овие тешки социјални политики, кои ги спроведуваат овие од власта. Ќе преживееме и без турлитава што ни ја приредува ова корумпирана и хибридна влада!.
Каква ни е турлитавата во институциите
Институциите ни се ДНО-ДНА, како што вели рајата „каша попара“. Нефункционални институции, криминални, корумпирани, непотистички, не владее правото и правниот систем и нема никакви реформи.
Образованието е такво каков што е, а министерот Јетон Шаќири-лаже суши. Не бил виновен што учениците немаат учебници. Биле виновни Бирото за развој на образованието (БРО) што нема учебници. Па, овие возвраќаат дека вината е во МОН. Несериозни, си играат мајтап. Ваква е целата Влада. Претседателката Бендевска (КСЗД), ЌЕ поднесувала кривична за министерот Јетон Шаќири, што врши отворена дискриминација кон учениците кои немаат учебници и нема еднаквост кон другите ученици, согласно законската регулатива и согласно меѓународната Конвенција за детски права. Па ајде Бендевска доста со тоа ЌЕ! Поднеси ја кривичната до судските органи, што чекаш! Срамно се јавуваат и од Народниот правобранител, па ги нема нигде. Хелсиншкиот комитет реагира селективно, зависно што ќе им каже претседателот Пендаровски. А, овој пак како ќуран молчи, како премиерот Ковачевски и така по ред.
Здравството е посебна приказна, секојдневни скандали. Очекуваме формираната Анкетна комисија од Собранието на Република Македонија, да ги испита сите состојби на Клиниката онкологија-очекуваме- одговорност со име и презиме!?.
Министерството за економија, води „силна економска политика“-така вели првиот човек од кичевско Зајас. Луксуз било лутеницата, фафаронките, суџукот, гравот, урда, цвекло…. Од што си пораснал бре „министре“ и оној твојот командант од Зајас, кој сега е најголем богаташ-криминално!
Министерството за земјоделие, води „силна земјоделска, аграрна политика“. Постои формално! Најмалку се грижи за земјоделците! Каде одат субвенциите?
Најмногу што напредуваат институциите се во криминалот, корупцијата, непотизмот, и немање правен систем! Тоа е вредностниот систем по институциите да си корумпиран! А, она за добро поведение на Грковска е „дрндупка“. Постои, нишај врата земај плата- корупцијата, криминал цвета!
Па, да почнам по ред !
Не постои сегмент од општеството каде нема корупција! Не постои функционер кој со невидена леснотија не се впушта во корупција (исклучоците се редок примерок !).
Како што наведов почнувајќи од Министерот за образование и наука, д-р Јетон Шаќири чија што диплома е нострифицирана после неговиот избор во наставно-научно звање доцент, преку неговиот заменик министер д-р Нухиу Агим кој напредувал спротивно на Законот за високото образование, исто е и со пратеникот Арбер Адеми кој беше поранешен министер за образование, кој незаконито се унапредува во наставно-научно звање доцент… Оваа комедиографија нема крај. Како што впрочем и корупцијата нема крај. Како е возможно да се подигне нивото на образование со таков калибар на стратешки менаџмент? Но, дали постои одговорност за предлагачите од ДУИ до Владата токму овие лица да бидат образовни функционери? Сето ова зборува за фактот дека секаде каде што е ДУИ на позиција смрди на нешто сомнително, но, за жал Јавното обвинителство нема ниту еден осомничен фукционер на ДУИ со што дава конкретен придонес за легализирање на криминалот и неодговорност кои се основни принципи на демократијата.
Сега со донесувањето на Кривичниот законик, во Македонија ќе нема казнивост за функционерите…туку за македонската раја! Ова Трулеж на системот!.
Меѓународните институции, констатираат дека Македонија по перцепција на корупцијата и криминалот се наоѓа на високата ранг листа. Мизериите што владеат во владата по институциите, агенциите, разни второстепени владини комисии си го гледаат само својот финансиски интерес, а најмалку за интересот на граѓаните.
Судирот на интереси
Зарем може да се одбрани или прикрие непотизмот и судирот на интереси, односно, конфликт на интереси и сомнеж на коруптивност, каде што сопругата на премиерoт Ковачевски, на владина седница, донеле одлука фирмата на која удел има неговата сопруга да добие државно земјиште по цена од 70 денари од м2 за изградба на фотоволтаична централа и таа владина одлука ја потпишува никој друг, туку Артан Груби. На сето ова, премиерот Ковачевски не гледа судир на интереси со влијание и ќе изјави дека: „Тоа е нејзина инвестиција“? Срам од еден премиер. По примерот на премиерот Ковачевски оди и Али Ахмети со неговиот син кој влегува во бизнис со струја, па неговиот внук, зет…! Во бизнис со електрична енергија влегува и синот на поранешниот премиер Зоран Заев, па братот на Артан Груби со деловен простор. Посебна е приказната со Коридорот 8 и 10 кој го води Артан Груби. КРИМИНАЛ!
Зарем вака во европското семејство? НЕ и НЕМОЖЕ!
Правосудството
Истражувајќи ги состојбите во правосудството, тука би го истакнал холандскиот амбасадор во Македонија, Н.Е.Дир Јан Коп, кој истакнува како се практикува правниот систем во Македонија и средбите кои ги имал со првите луѓе од Врховниот суд, кои го запознаваат со активностите на судот во кој му говорат за: „исполнување на обврските од реформската агенда, нагласуваќи дека: „судовите како носители на судската власт треба да функционираат навистина независно, самостојно, транспарентно, а во однос на граѓаните да обезбедиме високо професионално, чесно, непристрасно и ефикасно судење“. Во правна држава така треба да биде! Но, овие македонски правосудни институции тоа не се! А, за тоа холандскиот амбасадор Н.Е.Дир Јан Коп Дир, добро ги знае состојбите во правосудството. Тука е и австрискиот амбасадор во Република Македонија.
За спроведување на реформите во судската област, она што очекуваат граѓаните, а и холанскиот амбасадор говори: „неминовно е имплементирање и резултати од реформите, со цел враќање и надградување на довербата на граѓаните во судските институции. Тоа судството не го испорачува“.
Наместо судството да биде заштитник на интересите на граѓаните преку ефективна судска заштита на правата на граѓаните, таа е претворено во „градинка“ на децата на судиите и обвинителите, каде тие се егзистенцијално вдомени (со исклучок на поединци кои со учење, знаење и квалитет се дел од оваа организација) и ги уживаат благодетите на власта. И тоа со високи плати, зголемени за над 70% (посто) веќе шест месеци!
А, граѓаните во Македонија повеќе од 500.000, се на работ на социјална егзистенција и сиромаштија!
Довербата на граѓаните во правосудството не е повеќе од 1 до 2% и со право е и загриженоста на холанскиот амбасадор за состојбите во македонското судство.
Но, и во целокупниот систем во целина, според мене. Дали да ги коментирам состојбите кај Судскиот совет, каде, исто така, кадрите на ДУИ за да ги заштитат свои судии го растураат ова тело. Целта е да не се разрешат судии кои се блиски на СДСМ и ДУИ! Како што може да се види успеваат во таа цел. Никој не зборува за разрешување на конкретни судии за кои е утврдена одговорност за работењето! Оние кои имаат пари, оние кои се платени со тие пари, се тие кои што ја хранат корупцијата и со тоа конкретно ќе ја уништуваат државата.
Затоа, мојата целосна подршка до Холандскиот амбасадор, за дадената изјава дека: „Холандија стави во мирување проект за Судскиот совет поради последните случувања. Станува збор за проект во вредност од милион евра за зајакнување на ефиксноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет“. Со право констатира и укажува дека: „причината за тоа е влошувањето на состојбите во правосудството и дека Холандија тоа прашање го гледа како централно на кое ќе му се посвети внимание со последните случувања во Судскиот совет како преседан“.
Ова се загрижувачки состојби што се случува со третата власт, која е под диригентска палка на Извршната и Законодавната власт (ДУИ-СДСМ)! Затоа, извршната и законодавната власт (ДУИ-СДСМ) декларативно се залагаат за влез и барање под европско сонце, кога во практиката институциите се однесуваат како „диви племиња“.
Евроинтеграциските процеси во Гранада-Шпанија
Пред некој ден заврши третиот Самит на Европската политичка заедница, учествуваа повеќе земји од Европската унија, како и од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија.
Од Самитот во Гранада-Шпанија, ќе издвојам некои поенти на искази, кои оставија печат во процесот на евроинтеграциите. Па така, Шарл Мишел, првиот човек на Европскиот совет, истакнува дека: „кога станува збор за проширувањето, треба да се работи на адаптиран процес за секоја земја-кандидат за членство во европската Унија (ЕУ)“, што значи дека напред ќе одат само оние кандидати-земји што ќе покажат реални резултати во делот на правото и борбата со корупција. Каде сме ние на овој план? ДНО-ДНА!
Во Гранада, беше и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој задоволен констатираше дека Македонија е во „Одлична позиција во однос на ЕУ“. По мене ваквиот исказ на македонскиот премиер е за психолошко-психијатриска анализа!
Исто така, во овој контекст би го издвоил и исказот на албанскиот премиер Еди Рама, кој многу реалистички вели: „Во процесот на евроинтеграциите не треба да се занимаваме со датуми, туку со конкретна работа, за што порано да ја направиме Албанија земја на стандарди на Европската Унија“. По мене многу реално!
Овој исказ на албанскиот премиер Еди Рама, треба да ги отрезни нашиве министри Ковачевски, Османи, Маричиќ и други КОПУЦИ (неранимајковци), кои се занимаваат со датуми и промена на уставот за влез на Бугарите во него, без никакви реформи и борба против криминалот и корупцијата и правниот систем во државата!
Или пак, изјавата на политичкиот експерт за ОПСЕ – професор за меѓународни преговори и медијација Ива Мантон, која ќе каже: „Никој во Европската Унија не е подготвен да прави големи чекори во однос на проширувањето. Уставните измени што се бараат од Македонија, во овој миг нема да значат некое вистинско придвижување кон Еевропската Унија, ниту сериозен напредок во преговорите, а само предизвикаа внатреполитички компликации.
Според анализата на Мантон, од појавата на фрацускиот предлог во македонскиот политички дискурс, како шанса за напредување на земјата кон ЕУ, ништо квалитативно не е променето во насока на подготвеноста и за преговори и за реформи.
Во суштина, од францускиот предлог ништо не е променето на подобро, во однос на нашата подготвеност за преговори со ЕУ, но и во односите со Бугарија.
Немаме напредок ниту во владеењето на правото, ниту во борбата со корупцијата…, а внесувањето на Бугарите во Уставот нема да придонесе за напредок на планот на суштинските реформи за ЕУ.
„Бугарија и понатаму ќе се однесува уценувачки и ќе ја легитимира таквата практика на уценување со ирационални желби во процесот на одлучување на ЕУ“, вели Ива Мантон.
Затоа, од сето напред наведено-искажано Уставни промени за влез на Бугарите во Уставот, не треба да се случи. Туку треба суштински внатрешни реформи и борба против криминалот, корупцијата и непотизмот како и одговорност и казнивост на сите оние кои ја доведоа Македонија на ДНО-ДНА!
Но, таквите суштински реформи и промени во борба против криминалот и корупцијата и правната сигурност може да се случат само со брзи парламентарни избори.
Час поскоро!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес