Според податоците на Државниот завод за статистика, во првиот квартал годинава БДП порасна за 3,9 отсто што е одличен резултат, а според официјалната статистика на ЕУРОСТАТ растот кој го забележала земјава е највисок во Европа, а со тоа и подобар споредено со сите земји од ЕУ.
Ова е податок кој укажува на тоа дека македонската економија оди во позитива и фирмите заработуваат. Особено е важно што од почетокот на годинава во континуитет расте и индустриското производство, а растот на извозот во април
достигна раст од 15,1 отсто. Ваквиот тренд на раст, е потврда за исправноста на мерките кои ги презема владата во насока на надминување на последиците од светската криза како и поволностите за инвеститорите и чекорите кои се преземаат во насока на креирање на поволна бизнис клима.
Со тоа се растовари стопанството и што е мошне важно во период кога стопанствата на некои големи држави се уште се соочуваат со огромни и штетни последици од светската криза, македонската економија бележи раст. Тоа значи
сигурност и добар показател за секој иден инвеститор.
Според ДЗС стапката на невработеност бележи ново намалување и изнесува 28.4 отсто што е за 1.5 отсто пониска
од првиот квартал минатата година.
Според пролетната економска прогноза на Европската комисија, оваа година Македонија ќе има раст на БДП од 3 отсто, во што единствено подобри од неа ќе бидат Летонија (3,8 отсто), Литванија (3,3) и Полска (3,2).
Владата за оваа година очекува економијата да расте со 3,2 отсто, а странските инвестиции и градежништвото треба да бидат оние гранки во стопанството што го предизвикаат растот. Економистите очекуваат дека закрепнатите економии во Европа, од кои домашното стопанство најмногу зависи ќе бидат адут за остварување на проектираните бројки.