Македонската влада нема да биде неутрална за приемот на Косово во УНЕСКО

Влада во која ќе бидат партиите на Албанците сигурно нема да гласа неутрално за членството на Kосово во УНЕСKО, му порачаа вчера потенцијалните владини партнери ДУИ, „Алијансата за Албанците“ и Беса на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пишува Дневник.

Заев за српската телевизија „Прва“ завчера изјави дека на следното гласање за членство на Kосово во УНЕСKО, доколку дотогаш се формира влада во која тој ќе биде премиер, Македонија ќе гласа неутрално. Српските медиуми ја пренесоа изјавата со наслови „Македонија го промени својот став во врска со Kосово“ и потсетија дека земјата на претходниот Извршен совет на УНЕСKО во Париз пред две години била меѓу тие што гласале за прием на Kосово.

Заев и пред да ја формира новата влада доби црвен картон од потенцијалните партнери Али Ахмети, Зијадин Села и Билал Kасами, барем кога станува збор за меѓусоседските односи со Kосово и Албанија. Пораката од нив, и пред да седнат на „Илинденска“, е Заев да не се обидува да помисли да ги наруши односите со Kосово и со Албанија.

И покрај обидите од ДУИ, вчера не добивме официјален став за изјавата на лидерот на социјалдемократите што остава мала доза на зачуденост. Сепак, неофицијално, од ДУИ порачаа дека тешко оти новата влада на Македонија ќе гласа воздржано или неутрално за Kосово.

– Доколку Заев навистина смета дека Македонија треба да е неутрална за Kосово, тогаш сериозно имаме различни ставови за тоа прашање – вели висок функционер на ДУИ.

Еднаква позиција има и „Алијансата за Албанците“. Од таму велат дека иако во моментот се преокупирани со заздравувањето на лидерот на ДР-ДПА, Зијадин Села, и не ги следат изјавите на лидерот на СДСМ, децидни се дека такво нешто нема да се случи.

– Доколку „Алијансата за Албанците“ биде во заедничка влада со СДСМ, тогаш бидете уверени дека нема да биде така. Таа влада нема да гласа неутрално за пристапувањето на Kосово во УНЕСKО. Ставот ќе биде поинаков – ни изјави Арбен Травари, генерален секретар на ДР-ДПА.

И од партијата на Билал Kасами се децидни дека крајно несериозно е од која било македонска влада со одредени постапки да ги наруши односите со Kосово и со Албанија.

– Сметаме дека ниту една идна влада на Македонија нема да биде толку несериозна за да ги наруши добрососедските односи со Kосово и со Албанија како две соседни земји кои немаат ниту еден отворен спор со нашата држава. Секоја изјава што ги нарушува добрососедските односи со овие две држави најмногу ќе оди на штета на Македонија -ни изјави Орхан Муртезани, портпарол на Беса.

Освен децидните пораки од ДУИ, „Алијансата за Албанците“ и Беса, Заев да не помислува да го менува ставот на Македонија за приемот на Kосово во УНЕСKО, најавата на лидерот на СДСМ експресно ја омекнаа и од неговата партија. Од СДСМ веднаш порачаа дека ќе видат како ќе гласаат.

– Во овој момент тоа е став на претседателот, но ние не знаеме што ќе се одлучи тогаш. Сега е поважно да добиеме мандат за да формираме влада, а потоа ќе си течат работите во соработка со коалициските партнери – изјавија од СДСМ.

Пред две години на Извршниот совет на УНЕСKО за албанската иницијатива Kосово да биде примено во УНЕСKО гласале 27 земји, меѓу кои и Македонија и Црна Гора, а против биле 14 и исто толку биле воздржани.

Тогаш официјален Белград изрази разочарување од одлуката на Македонија. Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ тогаш на новинарско прашање како ја коментира одлуката на Македонија и на Црна Гора за Kосово рекол:

– Се разбира, разочарани сме од нивниот однос, но не сме изненадени.

Во февруари годинава косовскиот претседател Хашим Тачи најави дека Kосово планира оваа година повторно да поднесе барање за влез во Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСKО), како и во Советот на Европа.

Во 2015 година генералната конференција на организацијата ја врати кандидатурата на Kосово бидејќи приврзаниците на Kосово не успеаја да ги соберат потребните две третини од гласовите, против се изјаснија 50 држави.