Македонски фолклористи меѓу најдобрите во светот

Фолклористите од КУД „Ацо Ѓорчев“ од Неготино се меѓу најдобрите 8 фолклорни групи од вкупно 23 културно уметнички друштва од исто толку земји од целиот свет, на 7.Меѓународен фолклорен фестивал „Подласка Октања Култур 2014“, што се одржа во градот Биалѕсток, Полска.

Како што соопшти денеска Мирјана Јованова, директор на Центарот за култура „Ацо Ѓорчев” од Неготино, во чии рамки работи ова фолклорно друштво, КУД „Ацо Ѓорчев“ во вистинско светло ја презентирале македонската богата култура и традиција со кореографии од сите краеви на државата.

– На овој голем фестивал кој беше и од натпреварувачки карактер нашите членови со прекрасниот фолклор и со несебично давање на се од себе се изборија да влезат и да земат учество во финалната гала вечер каде што учествуваа само најдобрите 8 групи, кои претходно беа оценувани од високо стручно жири и полската публика, па се здобија со посебна плакета од директорот и организаторите на фестивалот. Настанот беше пренесуван од 7 полски телевизии, меѓу кои и од националната. Ние всушност бевме на 10 дневна турнеја во Полска, појасни Јованова.

МИА