Интегрално соопштение од здружението Македонски манифест:
Веќе цел месец на ТВ екраните кај нас е присутна Бугарската национална телевизија (БНТ) како некаков вид „резултат“ на македонскиот преговарач за одоброволување на Бугарите за одмрзнување на нивното вето за нашиот понатамошен пат кон ЕУ. Договорено е, колку што сме информирани размена на емитување на националните телевизии, бугарската кај нас и нашата во Бугарија.
Не знаеме, пак, дали нашата дејствува во нивниот етер. Се надеваме дека е присутна. Но тука има една лукава стапица која е иманентна за секогаш лукавите Бугари. Имено, не случајно дека договорот на таа размена, која сама по себе не е лоша, е склучен и потпишан на 3-ти март, денот на формирање на Санстефанска Бугарија во која е вклопена целокупната територија на Македонија: егејска, вардарска и пиринска.
И таа перверзна лукавост морал да ја има во предвид, ако воопшто не му затаила логиката и интелегенцијата, македонскиот преговарач-мисионер Бучковски, тој кој поодамна кога беше премиер изјави дека за лошите односи со Бугарија се виновни историчарите.
Мошне индикативно и за оваа сега македонско-бугарска ТВ-ситуација. И изгледа дека и логиката и интелегенцијата во правец на бранење на македонските национални интереси затаиле кај нашиот преговарач-мисионер, кој (пак индикативно) има како премиер неславна сторија со аферата бугарски тенковски делови. А вака работата со размена на телевизиите е очајно промашена, сега/засега е фактот што содржините на БНТ кај нас не се преведуваат на македонски јазик.
Зошто? Затоа што Бугарите преку индолентниот Бучковски ни подметнале всушност кукавичино јајце дома. Едноставно, со тоа што нема македонски превод на содржините на нивната телевизија, кај нас се реализира во живо нивната фашистичка теза дека ние сме еден народ со заеднички јазик и историја, негирајќи го како што знаеме на тој начин брутално нашиот генерички идентитет.
Македонски манифест е шокиран од таквата индолентност (можеби и незнаење), како и на нашата каква/таква влада која треба да го знае тоа. Затоа бараме итно да се почне со преведување на содржините на БНТ на македонски јазик. Неодложно! Во спротивно ова ќе го сметаме за срамно велепредавство во кое ѝ се угодува на „бугарската администрација“ (синтагма на Заев), а се жртвуваат непромислено (или свесно) и перверзно, и не за прв пат, македонските национални интереси, самопочит и достоинство. Истовремено Македонски манифест за оваа императивна идеја бара поширока поддршка и од националните и културни институции кои по дефиниција се задолжени за одбрана на македонскиот национален идентитет и суверенитет: МАНУ, УКИМ, Институтот за македонски јазик, МПЦ, Институтот за национална историја, Друштвото на писатели на Македонија и останатите. Оти работата е повеќе од сериозна и треба еднаш веќе да ставиме точка на бугарскиот политички и секаков друг варваризам кон нас. Да се прекинат итно сите преговори на тема македонски идентитет, јазик, историја!
МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ:Ефтим Клетников – поет, Агатангел – Митрополит Повардарски, Стојан Стојков – композитор, Запро Запров – диригент, Дардан Венетски – новинар и правник, д-р Слободан Пренџов – професор, д-р Цветан Гавровски – професор, д-р Наташа Котлар – професор, Фима Клетникова – поетеса, Александар Русјаков – писател, Сотир Костов – правник, д-р Нестор Огинар – професор, д-р Милица Огинар – професор, Вангел Божиновски – архитект.