Македонски манифест: Нашето име од искона е Македонија, а ние Македонци

Претставници на граѓанската иницијатива „Македонски манифест“ денес на прес-конференција се огласија за името, како што нагласија по повод посетата на Викторија Нуланд.

– Незнаеме што се зборува со неа зад затворени врати, но претпоставуваме дека во тие разговори се врши силен притисок врз македонскиот идентитет, тој целосно да се детронизира и со промена на името. За таквата претпоставка ни дава основа и неодамнешната изјава на американскиот амбасадор, Џес Бејли која гласи: „Нашите народи имаат многу заеднички нешта. Ние сме мултиетнички земји кои не се дефинирани од една етрничка група и јазик“. Доволно. Лукавата порака на Бејли е јасна: Македонија не може да биде дефинирана од Македонците, не постои македонски државен суверенитет, Македонците не се државотворен народ, мнозинство со територијален интегритет, туку само една од многуте етнички групи и ништо повеќе, па според тоа ист е случајот и со македонскиот јазик, велат од иницијативата.

Според „Македонски манифест“ целата валкана игра на Вашингтон и на Брисел, во која активно е вглобена и нашата петта колона е јасна иако, како што велат, е замаглувана од амбивалентни, двосмислени и еуфемистички формулации.

– Но, ако црвените линии во модерната политичка терминологија ја симболизираат границата до каде може да се оди, крајно време е и нашата влада да ги повлече нив и храбро да им објасни на Вашингтон и Брисел, а пред се на самите Македонци, нашето име од искона е Македонија, а ние Македонци и од тоа нема поместување ни буква, ни милиметар. Ќе се бориме до крај, по цена на животот бидејќи и нашиот живот на индивидуи и колектив, нашиот идентитет, култура и историска меморија извираат од името, велат од Иницијативата.

Според нив притисокот на западните моќни неолиберални корпораторски држави врз Македонија и Македонците значи удар на темелното човеково право за себеидентификација, значи обид за еден перфидно софистициран идентетски геноцид на цел еден колектив со милениумско автентично постоење – македонскиот.

Според Ефтим Клетников, цитираната изјава на амбасадорот на САД во Република Македонија била издиктирана за да го подготви теренот пред доаѓањето на Нуланд. Како што нагласи, Ни се нудат НАТО и ЕУ како замена за името.

Стефан Влахов Мицов, пак повикувајќи се на изјавете на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и на Викторија Нуланд кои велат дека прво треба да се реши проблемот со името а потоа ќе следува влезот во ЕУ и НАТО, напомена дека се работи за два удари. ПРвиот како што рече е директен и кој се однесува на посочената изјава, а вториот е индиректен и според него, тоа значи федерализација на земјата.