Инциијативниот одбор на движењето „Македонски манифест“ испрати отворено писмо до амбасадорот на САД, Пол Волерс по повод неговото предавање на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Во продолжение писмото ви го пренесуваме во целост.
Амбасадоре Волерс,
Со вашето предавање на Штуловиот универзитет во Тетово длабоко не навредивте, нанесувајќи и непроценливи штети на македонската држава и на македонскиот народ. Но, во исто време, целосно ја демаскиравте американската политика на Балканот.
Ние, од движењето Македонски манифест, знаеме дека за еден службеник, чија работа е да ја претставува американската надворешна политика, ѓаволски е тешко себеси да се претстави како некој угледен светски професор кој држи визитинг предавања на разни универзитети, посебно ако тие предавања се поврзани со идентитетот на еден народ кој, патем, е оспоруван од неговите соседи кои не му го дозволуваат основното човеково право – правото на самоидентификување. Сакаме само да ве прашаме „професоре“ Волерс, дали докториравте кај грчкиот претседател Папуљас, кој исто како вас ни порача да се откажеме од македонизмот.
Исто така сакаме да ја разбиеме вашата идентитетска дилема и да ви посочиме дека сте во право кога велите дека не сте ниту Данец, ниту Германец, ама мораме да ви обрнеме внимание на фактот дека воопшто не изгледате ниту како Американец, оти како припадник на американската нација кој добил одговорна функција во друга држава, логично е да ја застапувате американската политика. Вие нам, всушност, идентитетски најмногу ни изгледате како Грк кој ја спроведува грчката геноцидна политика спрема Република Македонија и нејзиниот мнозински македонски народ, освен ако американската и грчката политика не се синхронизирале во намерата Македонците идентитетски да ги обезличат.
Амбасадоре Волерс, нам ни е совршено јасно дека е бескрајно тешко за еден човек идентитетски да се поврзува со народ кој извршил геноцид на староседелците Индијанци. Свесни сме дека е срамно да се бараат своите корења кај оние кои неколку века практикувале робовладетелство, третирајќи цела една раса како мајмуни. Убедени сме дека е речиси невозможно да создадеш симпатии за себе ако припаѓаш на нација која испробувала напалм бомби врз жени и деца во Кореја и Виетнам. И, да не одиме подалеку. Треба да се срамите што, неодамна, нелегално ја бомбардиравте Србија, ама и за 2001-та, кога нам ни испративте терористи од Косово, според речникот кој го користеше генералниот секретар на НАТО, Робертсон, за потоа да ги преквалификувате во “хуманитарци“…
Заради сето тоа, амбасадоре Волерс, крајно е невкусно на други народи да им се држат лекции за нивниот идентитет. Ние не сме ниту Данци, ниту Германци, ниту Американци. Со векови ние сме Македонци и носиме македонски национален идентитет. Ако, веќе, намерата е да бидеме игнорирани како народ, тогаш барем треба да се прочитаат изданијата на американските весници од почетокот на 20 век за да се дознае дека и американската нација била свесна за нашето постоење. Токму врз таа основа, амбасадоре Волерс, би требало да им се држат предавања на Бугарите и на Грците кои, сосем нецивилизациски, се уште не негираат како народ. Наместо тоа, со небулозите изнесени во Тетово, точно нив ги поддржувате, што е срамно за Соединетите Американски Држави. Така, сосема свесно, се подбуцнуваат и Албанците во земјава и против името на државата, и против македонскиот народ.
Со оглед дека, заради бесрамното третирање на македонскиот народ, не следеше (заслужен!) црвен картон од нашата држава, ние, од Македонскиот манифест, сакаме да предупредиме да не се плука по нашето гостоприемство. Ова е цивилизирано општество, со длабоки историски корени, а не некаква американска колонија или окупирана територија.
Скопје, 29.11.2013
Членови на Иницијативниот одбор на Македонски манифест:
Ефтим Клетников, поет, Запро Запров, композитор, Георги Барбаровски, поет, Стојан Стојков, композитор, Стефан Влахов – Мицов, историчар, Слободан Пренџов, универзитетски професор, Васил Атанасов, музичар, Александар Русјаков, писател