Македонскиот дипломатски синдикат го повикува министерот за надворешни работи да го повлече актуелниот предлог закон за надворешни работи.
– Предлог текстот на ЗНР е изготвуван во нетранспарентна постапка, со учество на тесен круг луѓе, без интерна или јавна дебата до неговото објавување во јавноста и не ја ужива поддрршката од големо мнозинство вработени во Министерството.
– Суштинските забелешки на МДС, дадени по неговото објавување: централизација на моќта во раце на министер и колегиум избран од него, системската рестриктивност што го забавува кариерниот напредок и отфрлањето на регулирањето на положбата и работните права на административниот персонал во предлог текстот – не се прифатени, туку се направени само помали козметички измени заради создавање привид за инклузивност.
– Големиот број забелешки на предлог Законот дадени деновиве од страна на Секретаријатот за законодавство, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација ги потврдуваат забелешките на МДС дека предлог текстот е изготвен непрофесионално, не ја покрива материјата целосно и практично претставува само невешт обид за изготвување на еден по своја природа потесен закон, Закон за диломатска служба, што е сосема различно од Закон за надворешни работи. Со несогласувањето на Министерството за финансии со предложените финансиски аспекти паѓа во вода една од носечките причини за неговото донесување – подобрување на материјалната состојба на вработените, одн. вложувањето во човечките ресурси на македонската дипломатија.
– Поради споменатата рестриктивност на предлог текстот, хипокризија е во предизборен период со техничка Влада упорно да се форсира упатување на по дваесетина амбасадори и дипломати на работа во странство што поскоро, според постоечкиот Закон, пред донесување на новиот Законот, кој треба да е „реформаторски“ и „во интерес на дипломатијата“.
МДС алармира дека евентуално усвојување на вака изготвениот предлог текст на Закон за надворешни работи ќе доведе до несогледиви и долгорочни негативни последици по македонската дипломатија и предлага започнување на нова, овој пат инклузивна постапка, за подготвување на ново законско решение кое што ќе има кредибилитет и ќе ги земе предвид сите аспекти на професионалното дипломатско работење без внатрешни поделби на интересни категории.