Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград ги негираше наводите, што беа пренесени и во некои македонски медиуми, дека клубот се затвора и дека постои раздор помеѓу Македонците во Бугарија. Сето ова според нив се лажни вести од доушничката мрежа која работи против македонското прашање во Бугарија.
Во нивната реакција се истакнува дека клубот во Благоевград не се затвора, но ќе мора да се премести, затоа што сопствениците на сегашниот објект, во кој престојувале една година, биле заплашени неколку пати и не смеат да продолжат со договорот.
„Бараме нова просторија, која сме подготвени да ја споделиме со секој што работи за единствената, едноставна, хумана цел на долготрпеливиот македонски народ“, наведуваат во соопштението од клубот „Никола Вапцаров“.
Додаваат дека сите членови на сите македонски организации се канети и примани во клубот, а за присуство во клубот и учество во неговите активности или организираните од него свечености, од никого ништо не е барано.
„Спротиставеностите меѓу нас е јасно од каде доаѓаат и кој би имал корист од нив. Бугарската држава, бидејќи нема свои правни инструменти, нè спречува да ги реализираме нашите декларирани легитимни цели: прво – да работиме за пријателство и разбирање меѓу балканските народи и второ – да застанеме во одбрана на човековите права, вклучително и правата на луѓето. кои им припаѓаат на малцинствата, ја започна споменатата акција против нас. Нашето здружение го формиравме токму според бугарските закони, државата ризично одби да го регистрира со јасна свест дека спорот ќе оди до Европскиот суд за човекови права, каде што до денес резултатот е 3:0 во корист на македонските организации“, посочуваат од клубот.
Во врска со случајот се огласи и ОМО „Илинден“ – ПИРИН, од каде наведоа дека ова се обиди за поткопување на борбата за човекови права на Македонците во Бугарија.
„Бугарските власти вложуваат огромен напор да не дозволат да се отворат македонски клубови или да им се одземат просториите на оние што постојат. Во такви услови ширењето на навреди, дезинформации и полувистини само дополнително ја влошува и без тоа тешката борба на Македонците во Бугарија. Апелираме кон медиумите за повеќе професионализам – кога има такви информации кои го уриваат угледот и достоинството на македонски организации или активисти овде да не ги објавуваат без да ги проверуваат. Многу од шпекулациите ќе беа избегнати ако едноставно беа консултирано членовите на Клубот. Апелираме до сите Македонци да не веруваат на непроверени негативни информации од било кого за било кого“, стои во реакцијата од ОМО „Илинден“ – ПИРИН.