Македонскиот олимпиец Дардан Дехари доживеа тешка повреда на десното колено при лошо паѓање на денешниот тренинг во Јанкинг, за време на подготовките за своето прво учество на зимските Олимписки игри во Пекинг.
„По првите консултации меѓу докторот Лубомир Огњеновиќ, кој е во Пекинг, кинеските доктори и претседателот на Здравствената комисија на МОК, д-р Небојша Настов, станува збор за кинење на предниот вкрстен лигамент на десното колено и Дардан Дехари итно ќе биде опериран“, информираат од МОК.
Дехари, кој го носеше македонското знаме на церемонијата на отварање на зимските Олимписки игри, требаше да настапи на трките во слалом и велеслалом кои се на програмата на Олимписките игри на 13-ти и 16-ти февруари.
МОК му посакува на Дардан успешно опоравување од оваа тешка повреда и што побрзо враќање на скијачките терени.