Загрижувачко намалување на бројот домашни и странски туристи, како и ноќевања, покажуваат официјалните статистички податоци за периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период во 2019 година, пред корона пандемијата. Ова намалување е најголемо споредбено со сите земји од регионот, што упатува на заклучокот дека мерките за позиционирање на земјава како дестинација на меѓународниот туристички пазар се најслаби од сите држави во регионот, а загубата на бројот туристи и ноќевања е процентуално највисока, оценува Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија.
Според Здружението, македонскиот туристички сектор е во лоша сосотојба и се уште има потреба од поддршка. Предвидувањата се дека бавно ќе закрепнува. Се очекува намалувањето на туристи и ноќевања за 2021 година да биде околу 60 отсто, а во 2022 година да изнесува приближно 40 проценти доколку не се променат пристапот и политиките. Обновување на пазарот и достигнување на перформансите од 2019 година се очекува најрано во 2023 година, а најдоцна до 2025 година.
За секторот од особено значење е и запознавање на странските партнери со условите, мерките и политиките кои се применуваат во однос на справувањето со пандемијата, додава Здружението. Од тоа зависи каква ќе биде перцепцијата однадвор за Северна Македонија како туристичка дестинација. Потребна е промоција во земјите од регионот, во географски радиус од 600 километри, а одржувањето и зајакнувањето на односите со поголемите странски тур-оператори со кои негуваме традиционална соработка преку директна комуникација на сите нивоа, мора да биде врвен приоритет. Истото се однесува и на односите со авионските компании кои оперираат кон и од земјава.
„Периодот јануари – јули 2021 за разлика од првите седум месеци во 2019 година, бележи просечно намалување на бројот туристи за 80 отсто и 77 проценти на реализираните ноќевања од традиционалните пазари – Австрија, Холандија, Полска, Белгија, Турција. Малку поблаг е падот на туристи и ноќевања од соседните земји, за 57 отсто на бројот туристи и за 51 процент на бројот ноќевања. Според видот на туристички места, пак, се забележува сличен драматичен пад на прометот при што највисоко намалување на бројот туристи бележи Скопје, 53 отсто, а по него следуваат – езерски туристички места со намалување од 44 проценти и бањски туристички места со пад од 35 отсто. Најмал пад на бројот на туристи е забележан во планинските туристички места кои биле посетени од 22 отсто помалку туристи. Позитивен тренд е забележан само во издавањето куќи и станови за одмор, како и преноќишта“, наведува Здружението.
Овие податоци, подвлекува, говорат за катастрофата со која се соочува секторот и за потребата од натамошна поддршка.
„За сето ова, навреме укажавме и како одговорна организација навремено подготвивме две студии и сет решенија кои, за жал, или не се применуваа или парцијално се применуваа или, пак, нивната примена се одолговлекуваше и доцнеше до момент на целосно губење на смислата на таквата мерка. За да се избегне подолга потреба од поддршка на работните места, паралелно треба да биде поддржана и дестинацијата за да се подобрат перформансите кои во моментов се најслаби во регионов и за да се ослободи секторот од потребата за поддршка на работните места. Споредбената статистика со 2019 година покажува дека секторот се уште ги исполнува критериумите за поддршка кои беа услов за помош на вработените во 2019 година, а тоа го потврдува и споредбената статистика на перформансите на дестинацијата за 2021-ва во однос на 2019 година“, посочуваат од Здружението.
Според Заводот за статистика, во периодот јануари – јули 2021 споредбено со 2019 година бележиме намалување на бројот туристи за 305.000 или за 50 отсто. Бројот на домашните туристи се намалил за 26.000 или за 12 процента, а бројот на странски туристи за 280.000 што е пад за 68 проценти.
„Бројот на реализирани ноќевања од домашни и странски туристи е намален за речиси 600.000 или за 36 отсто. Бројот на ноќевања од странски туристи е намален за речиси 550.000 што е драматичен пад од 65 проценти, додека пак бројот на ноќевања од домашните туристи е намален за шест проценти или 44.000 ноќевања имало помалку“, посочува Здружението.
Негов став е и дека поддршката преку субвенции ќе биде клучна за успешно позиционирање на земјава како дестинација, особено во услови кога другите држави преземаат низа активности во овој правец и насочуваат голема енергија кон овој сектор.
„Буџетот за промоција на земјата е недоволен. Според Националната стратегија за развој на туризмот 2016-2020, нашата земја има најмал буџет за туристички маркетинг во регионот. Следствено, регистрираме и најслаби резултати. Во периодот кој следува, од клучно значење ќе биде одржувањето и зајакнувањето на односите со поголемите странски тур-оператори со кои негуваме традиционална соработка преку директна комуникација на сите нивоа. Истото се однесува и на односите со авионските компании кои оперираат кон и од Република Северна Македонија“, дополнуваат од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора.