Македонските граѓани стекнуваат сѐ поголема доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, а тоа е евидентно од растот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, особено кон домашни е-продавници. Голем дел од трансакциите што во претходниот период се одлеваа онлајн во странство, годинава се пренасочија кон домашните е-продавниaци.
Сега онлајн може буквално сѐ да се купи, но се отвораат некои „сиви зони“, кои треба што е можно побрзо да се елиминираат. Граѓаните се согласуваат со најавите за поголема контрола од Управата за јавни приходи, бидејќи треба да се воведе ред и да се знае дали зад тие трговци, стојат вистински продавници, кои ќе испорачаат квалитетен производ.
-Кога купувате во продавница, имате можност да го видите, да го пробате и да го допрете производот, а интернет-продажбата тоа не го овозможува. Во продавниците добивате фискална сметка, која ви служи како доказ, ако сакате да ја вратите или да ја замените стоката, а тоа е невозможно на интернет – велат граѓани, кои сѐ уште се скептични кон новиот начин на шопинг.
Во првата половина од годинава, граѓаните со домашни платежни картички потрошиле 69,4 милиони евра кон македонски компании што продаваат онлајн во земјава, што споредено со истиот период лани е раст од 113,5 проценти, покажуваат податоците на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
-Овие бројки и податоци се само од регистрираните е-продавници и веруваме дека ќе беа уште поголеми доколку не постоеше и сивата економија во онлајн трговијата. Во изминатиов период високо на агендата на владините институции се постави и проблемот за намалување на сивата економија. Ние како Асоцијација често имаме средби со сите надлежни институции на кои разговараме за оваа проблематика, составена е работна група и изготвен е акциски план за делување во борбата против сивата економија. Веруваме дека со спроведување на мерките, голем дел од оваа сива зона ќе се намали. Сепак, секој потрошувач кога купува на интернет, задолжително треба да си ги знае своите права. Асоцијацијата за е-трговија на Македонија неодамна изработи интерактивни прирачници, на кои потрошувачите може да се запознаат со нивните права при онлајн купување. Дополнително, потрошувачите кога купуваат од легални е-продавници, имаат право на рефундација на средствата доколку не се задоволни од продуктот што онлајн го купиле – вели за „Слободен печат“ Виктор Стојкоски, генерален секретар на АЕТМ.