Новиот селектор на македонската ракометна селекција Данило Брестовац дебитираше во средата вечерта со значајна победа, прва над Исланд на неговиот паркет, во двомечот за првото место во квалификациската група за Европското првенство кое ќе се игра во 2020 година.
Македонија до победата од 34:33 дојде благодарејќи на присебноста на Дејан Манасков која на четири секунди до крајот ја прифати топката откако домашниот голман му го одбрани ударот од седум метри и непречен од никого ја погоди противничката мрежа. Претходно, Исланд на петнаесетина секунди до крајот имаше напад за победа, но домашен играч направи чекори и притоа за да оневозможи време за македонската селекција ја исфрли топката во аут, што беше казнето според правилата со исклучување и пенал.
Домашната селекција го контролираше резултатот во првиот дел од мечот, и дојде во предност од четири гола разлика (7:3), но потоа македонските ракометари со серија погодоци дојде до израмнување на почетокот од вториот дел на првото полувреме, кое заврши без предност за некоја од селекциите 17:17, откако во буквално со звукот на сирената погоди Кирил Лазаров.
Израмнето беше и во вториот дела, а Македонија поведе со два гола предност (26:24) во 45 минута. Домашните на десетина минути пред крајот израмнија на 28:28, а три минути подоцна и на 30:30. На две минути пред крајот повторно беше израмнето 33:33, и се влезе во драматична завршница. Гудмундсон ја погоди гредата од македонскиот гол, а Македонија доби напад за победа во последната минута. Брестовац побара тајмаут, судиите ја одзедоа топката поради пасивен напад, па Исланд доби шанса за победа. Магнусон напрви грешка во нападот, па потоа ја фрли топката во аут, по што според правилата доби директен црвен картон и беше досуден пенал за Македонија. Дејан Манасков шутираше беспрекорно од седум метри цел натпревар, но овојпат Густавсон му го одбрани седмерецот, но од вториот обид Македонецоте погоди за конечните 34:33.
Манасков со осум гола беше прв стрелец кај Македонија, а седум постигна одличниот Георгиевски, шест Лазаров, а пет Филип Талески.
Македонија во недела го пречекува Исланд, дуел на кој победа ќе значи и прво место во квалификациската група.