Македонските ученици само пред Косово на балканското дно по знаење

Пред четири години на светското дно, сега на балканското. Македонските ученици се на 11-то место по знаење, но гледано од назад кон напред. Од балканските земји зад нас е само Косово. Во наука се полоши и Босанците. Најдобар резултат од регионот имаат Словенците, по нив се Хрватите, па Србите и Црногорците. Во истражувањето на ПИСА, се тестирани 15-годишни деца во 79 земји. Македонските ученици најдобри резултати покажале во наука, каде се рангирани на 63-то место, а за читање и математика  се најдоа на 67 место. За просветните аналитичари, резултатот е очекувано поразувачки. Детектираат три стратешки погрешни работи во системот на образованието.

Наместо да се инвестира во наставата и инфраструктурата, се плаќаат скапи стипендии за деца кои не се враќаа назад во државата. Истражувањата на Институтот покажуваат и дека, просекот во Македонија го уриваат Албанците. Учениците Македонци покажале за 10 до 15 проценти подобар резултат, за разлика од своите соученици Албанци.

Министерот не ги коментишраше овие анализи.Задоволен е од скокот на државата за неколку места погоре на оваа листа. Презентираше дека, во читање учениците имаат 41 поен повеќе од претходното тестирање, во математика 23, а во наука 29 поени повеќе.

Македонија, сепак, во нешто е и меѓу прворангираните. Се најде  меѓу државите каде постои најголема разлика во резултатите на момчињата и девојчињата. Во делот за читање, девојчињата имале просечно 52 поени повеќе од момчињата. Во математика оваа бројка е 9 поени, додека во наука 19 поени.  Македонските 15-годишници се и меѓу најзадоволните со својот живот во споредба со нивните врсници од другите земји. Дури 81% од средношколците изјавиле дека се задоволни со животот, што ја става земјава на седмото место во оваа категорија.

Во светски рамки, кинеските ученици се покажаа како најдобри во сите категории. На второ место е Сингапур, а следните три места повторно се резервирани за кинеските покраини. Од европските земји е најдобра Естонија.