![jagnesko Македонското јагнешко ги задоволува условите за кинескиот пазар](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/12/jagnesko.jpg?resize=696%2C476&ssl=1)
Количините за извоз на замрзнато јагнешко месо во Кина допрва ќе се договара, а рано е да се зборува и за цените, беше речено денеска по работниот состанок во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Останува извесно само дека македонското јагне и кланиците ги задоволуваат условите што ги бара кинескиот пазар, пренесе МИА.
Двете страни, и производителите и преработувачите, велат дека сточниот фонд во земјава се намалува, но, според земјоделците причина за тоа се ниските откупни цени, додека за кланичарите проблем е што и покрај државната поддршка, никој не сака да чува овци.
– Се уште е рано да се каже колку јагнешко и по која цена ќе извезуваме во Кина. Количините допрва ќе се договараат. Битно е да ја исполниме нашата обврска, да ги отвориме вратите за пласман на сите пазари во светот, а компаниите, преку воспоставување партнерски односи, да договорат соработка, изјави директорот на АХВ Зоран Поповски по средбата.
Покрај јагнешко, додаде, во Кина ќе има можност и за извоз на нус-производи со оглед дека тамошниот пазар е голем и не многу пребирлив.
Директорот Поповски подвлече дека на средбата со производителите и кланичарите, една од главните теми беше и зголемувањето на сточниот фонд зашто целта е, покрај традиционалните купувачи како Италија, Бугарија, Хрватска и Грција, да се опслужат и други пазари.
– Ако кланичарите дел од профитот ни го наменат нам наместо да го задржуваат само за себе, тогаш сигурно ќе го зголемиме бројот на јагниња. Со 130 до 140 денари откупна цена на јагнето преку целата година и 180 до 200 денари за празниците, како и со цената на млекото од 36 најпрво, а потоа и 33 денари, нема просперитет за македонското јагне, нагласи претседателот на Асоцијацијата на земјоделците Ефтим Шаклев.
Мора, смета Шаклев, да се преиспитаат производните трошоци, но и мелничарите да увидат колкав дел задржуваат за себе, а колку му даваат на производството кое, сепак, го има главниот збор.
– Само со кооперативност, добра соработка, цврсти договори и стабилна политика, може да има резултат, рече Шаклев чии проценки велат дека за зголемување на фондот овци е неопходно откупната цена на јагнешкото да биде 150 денари преку целата година и 220 за празници, додека за млекото минимум 60 денари.
Ристо Михајлов од кланицата „Серта“ посочи дека проблемот за намалениот сточен фонд воопшто не треба да се бара во преработувачката индустрија која моментно работи со само десет отсто од капацитетите.
– Вината не треба да ни се префрла нам, туку да се бара на друго место. Сточниот фонд се намалува зашто никој не сака да чува овци, потенцира Михајлов.
Агенцијата за храна и ветеринарство на 26 ноември годинава во Пекинг потпиша Протокол за извоз на замрзнато јагнешко месо на кинескиот пазар со Генералната администрација за надзор на квалитет, инспекција и карантин на Кина