2.9 C
Skopje
вторник, ноември 26, 2024

Макијавели од нашиот сокак

страшо ангеловски

„Еден владетел ги употребува сите средства за да ја создаде и да ја сочува власта. Владетелот се наоѓа во циничен неморал кога ја демонстрира својата власт и може да ја употреби и корупцијата, блокирањето и притворањето, кога тој смета дека е потребно“.

– Николо Макијавели

Се приближува 30 – ти септември, денот на Светите маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија, мајка на мудроста. Денот кога македонскиот народ е исправен пред историски чин. Онака, како многупати досега генерациите Македонци пред нас. Денот кога ќе одлучуваме дали она ограничено време што секој од нас го има пред себе на овој свет, ќе го продадеме за материјални ветувања и лажна благосостојба, останувајќи бедни во душата, зашто, за колку и да се продадеме, евтино сме се продале, или, на генерации и генерации по нас ќе им овозможиме својот дел од времето да го оджиеат како Македонци, горди на денешнава генерација која таа можност им ја сочувала.

И, додека генерациите пред нас, тоа го сториле со крв, страдања, востанија и жртви, ние, денешнава генерација Македонци треба да го сториме со верата, надежта, љубовта и мудроста. Вера во Господа, надеж за подобро утре, љубов кон Татковината и мудрост да се победи лагата. Лага, сервирана од оние чија желба да не нема е појака од се. Оние од надвор, кои на нашата историја, на нашето име, на нашата писменост, на нашите востанија, на нашите царства, на нашите страдања и на нашите гробови ги градат своите големодржавни стратегии. Но, и оние одвнатре, „макијавелистите од нашиот сокак“, кои според четивото на Макијавели, веќе изветвено во изминативе петстотини години, се обидуваат да владеат денес, во 21 – от век.

Напишаното од Николо Макијавели тие го користат како упатство за владеење:

„Еден владетел ги употребува сите средства за да ја создаде и да ја сочува власта. Владетелот се наоѓа во циничен неморал кога ја демонстрира својата власт и може да ја употреби и корупцијата, блокирањето и притворањето, кога тој смета дека е потребно“.

За жал, целата реалност која ја живееме последнава година е содржана во оваа една и единствена реченица.

Зошто беше потребен целиот овој вовед?

Прво, за да ја сфатиме суровата, реална опасност надвисната над Македонија и македонскиот народ, за потоа одлучно да одговориме на 30 – ти септември дека не прифаќаме референдум, туку прифаќаме вера, надеж, љубов и мудрост. Мудрост да се остане надвор од долготрајниот процес за бришење на македонското постоење.

Имено, денот на референдумот не е изолиран, посебен сам за себе, извлечен од нигде никаде. Денот на референдумот е само последниот ден од еден долготраен процес на разговори, преговори, притисоци, уцени…

Денот на референдумот и чинот на гласање е последен ден од процесот кој повеќе од една година се одвива скришум, зад очите на јавноста, процес од кој македонската опозиција е целосно исклучена. Ако сакате, безобразно протерана, вулгарно набркана. Македонската опозиција во текот на овој процес немаше никакви сознанија ниту за пазарењата, отстапките, „компромисите“ што „втората страна“ ги правела со хеленската република, ниту и се овозможи договор околу поставеното референдумско прашање.

Па така, неучеството на опозицијата во досегашниот процес, неминовно повлекува и безалтернативно и ултимативно неучество и на последниот ден од тој процес, денот на референдумот. Тивко и достоинствено, без тапани и реклами заради политички поени. Неприфаќањето на средствата од 11.000 евра по пратеник од страна на Христијан Мицкоски, за учество во само еден дел од процесот, дваесетдневна кампања, за мене е потврда на тој став.

Средствата, издвоени од потта на граѓаните, во „циничниот неморал“ на владетелот, требаше да бидат мамката која ќе ја проголта опозицијата за, пред самиот крај на процесот, да стане соучесник во замисленото злосторство. Тоа треба да значи дефинитивно неучество и на последниот ден од процесот на 30-ти септември, и целосно делегитимирање на срамниот обид да се подметне договор со кој „компромисно“ се брише македонското постоење.

Имено, единствено нешто што и опозицијата и граѓаните во Македонија го дознаа околу преспанската спогодба е дека таа е резултат на „компромис“ со кој обете страни добиваат и губат. Благодарение на „транспарентноста“ на нашиве долносокачки макијавелисти, дознавме за придобивките од „компромисот“, односно, дека добиваме „зајакнат идентитет“, датум за датумот за преговори со ЕУ и покана за доделување покана во НАТО. Меѓу другото, дознавме и дека веднаш низ градските водоводи ќе потече мед и млеко, што, за жал на владетелот со циничен неморал, еден дел од граѓаните ќе ги натера да гласаат против. Оние што имаат алергија на млеко и мед.

Истовремено, никој не ни соопштува што, според „компромисот“ губи македонскиот народ, или, втората страна? Нели „компромисот“ беше болен и тежок? Што е болното и тешкото за нас?  Вака, излегува дека нашиве макијавелисти, уште и како втора страна, успеале да ја победат хеленската република како Филип кај Херонеја, па тие, Хелените, Грците, Јужномакедонците, што и да се, нека му ја мислат откако ние, победниците во „компромисот“ ќе се самоукинеме. Нека му ја мислат кои песни ќе ни дозволат да ги пееме, кои автори да ги избришеме, кои гробови да си ги срамниме со земја, кои споменици да ги урнеме. Нека се мачат и нека страдаат од напор оти секоја педа македонска земја ќе треба да ја преораат за да уништат се што сведочи за нашето постоење. А ние, втората страна со „придобивките“ од компромисот, со Сојузот на борците на чело, гордо ќе зачекориме кон светла иднина.

Ех, Макијавели, Макијавели, да знаеше кому твојот текст ќе му биде упатство за владеење, најверојатно немаше ни да го напишеш. И гробот ти е тесен за да можеш денес да се превртуваш во него.

На крајот, заради сето ова, а согласно зборовите на Жан Жак Русо, кои од сега па до 30 – ти септември ќе ги преповторувам во секој мој текст дека „согласноста на народот е  единствената основа врз која се темели една власт“, макијавелистите од нашиот сокак треба да престанат со циничниот неморал и да прифатат дека не ние граѓаните имаме обврска да се пребројуваме колкумина сме против прашањето, а колкумина сме за неизлегување на референдумот, туку дека тие ИМААТ ОБВРСКА ДА ДОКАЖАТ ДЕКА ИМААТ СОГЛАСНОСТ ЗА НИВНАТА ДЕМОНСТРАЦИЈА НА ВЛАСТ СО УПОТРЕБА НА КОРУПЦИЈА, БЛОКИРАЊЕ И ПРИТВОРАЊЕ, А ЗАРАДИ УСВОЈУВАЊЕ НА УНИШТУВАЧКАТА СПОГОДБА ОД ПРЕСПА. Да докажат дека имаат согласност од мнозинството граѓани за нивите погубни политики. Поинаку, дента кога во мирот на својот дом, сите ние ќе ги славиме Светите маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија, тие мора да го „слават“ заминувањето од власт. Заедно со циничниот неморал и погубните политики.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес