Некој смислено го одолговлекува решението за ставање крај на злоупотребите со екстралесното масло – обвинува „Макпетрол“. Компанијата е разочарана од долгоочекуваната анализа на Министерството за финансии. Според нив, таа само ги потврдува состојбите, но не нуди конкретни чекори од страна на државата, туку само предлага сет од три мерки.
„Ако се има предвид дека вонредната состојба е завршена и дека Собранието е распуштено, поради што во овој момент не може да се вршат законски измени, јасно е дека некој смислено го одолговлекува решението на овој дологодишен проблем“ – стои во соопштението од Макпетрол.
Според компанијата, анализата само го потврдила сомнежот дека некои луѓе од државните институции одработуваат за оние кои вршат злоупотреби со екстралесното гориво. Од Макпетрол сметаат дека е несфатливо како државата од една страна се задолжува за да им помогне на фирмите, а од друга, не сака, преку регулација на пазарот да ги наплати даноците.
Макпетрол смета дека изедначувањето на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот ќе демотивира понатамошни злоупотреби, ќе придонесе за зголемен квалитет на горивото што се користи, а истовремено ќе ја заштити животната средина.