„Макпетрол“ го тужат за 36 милиони евра

Судските постапки покренати против „Макпетрол“ изнесуваат 2, 245 милијарди денари(36,5 милиони евра) од кои 2,211 милијарди денари (35,9 милиони евра) се однесуваат на судски спор покренат од Владата на Република Македонија и ЈП Гама, пишува во најновиот извештај на компанијата.

Според извештајот од Македонска берза, тужбата се однесува на „утврдувањето на правото на Република Македонија на сопственост на идеален дел на Гасоводниот систем на Република Македонија.“

„Раководството на друштвото, редовно ги анализира можните ризици од загуби по основ на тековните судски спорови давајќи при тоа посебна важност на тужбата поднесена од Владата на Република Македонија и ЈП Гама според која ќе го остваруваат само тужбеното барање кое се однесува на утврдувањето на правото на Република Македонија на сопственост на идеален дел на Гасоводниот систем на Република Македонија. Иако резултатот од оваа проблематика не може секогаш со сигурност да се утврди, Раководството на Друштвото верува дека истите нема да резултираат во материјално значајни обврски“,пишува во извештајот кој се однесува на состојба на 31 декември 2013.