Макрон го прими Милеи во време на напнатост меѓу Франција и Аргантина

Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот во Париз го прими својот аргентински колега по должност Хавиер Милеи, и покрај неодамнешните тензии меѓу двете земји.

За време на средбата во Елисејскиот дворец, двајцата челници разговарале за војната во Украина, за неделните избори во Венецуела и за планираниот трговски договор меѓу Европската унија и јужноамериканската економска заеница MERCOSUR, чиј дел е и Аргентина, соопштија од кабинетот на Милеи.

Односите меѓу Париз и Буенос Аирес беа затегнати последните седмици. Имено, фудбалерите на Аргентина минатата седмица се обвинети за пеење навредлива песна за француските фудбалери со африканско потекло, откако го освоија финалето на Копа Америка.

По критиките од Франција поради таа песна, потпретседателка на Аргентина, Викторија Виљаруел, отишла чекор подалеки, пишува dpa.

„Ниту една колонијалистичка земја нема да нѐ заплаши затоа што пееме песна или зборуваме вистини што не сакаат да ги признаат“, напиша таа на платформата X.

Владата на Милеи се огради од нејзината изјава, а претседателот кој има еврејско потекло, ја испрати својата сестра и советничка Карина Милеи во француската амбасада за да ги смири тензиите.