Франција и Европската комисија во понеделникот му кажаа на кинескиот претседател Кси Џингпинг дека сакаат тој да го искористи своето влијание врз Русија за да ја прекине војната во Украина, нагласувајќи дека Европската унија нема да се запре во својата воена поддршка за Киев.
Претседателот Емануел Макрон е домаќин на кинескиот челник Кси Џинпинг на неговата прва посета на Европа по пет години и разговараше со него и претседателката на Комисијата Урсула, фон дер Лајен во Париз, додека тие се обидуваат да покажат обединет фронт за прашања од трговијата до Украина.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции кон двете земји, особено против Москва уште во 2014 година откако црноморскиот полуостров Крим се врати во составот на Русија што Украина и Западот не го признаваат, а потоа уште илјадници поради нејзината инвазија на Украина во 2022 година.
Трговијата меѓу Кина и Русија достигна рекордни 240,1 милијарди долари во минатата 2023 година, што е за 26,3 отсто повеќе од претходната 2022 година, покажуваат податоците на кинеската царина. Кинеските испораки во Русија скокнаа за 46,9 отсто во 2023 година, додека увозот од Русија порасна за 13 отсто.
Западните сили се особено загрижени, па и го обвинија Пекинг дека би можел да ѝ испорача оружје на Москва и да ги заобиколи постоечките западните санкции за материјали кои можат да се користат и за цивилни и за воени цели.
„Сметаме дека Кина ќе го искористи сето свое влијание врз Русија за да стави крај на руската агресивна војна против Украина“, изјави фон дер Лајен за новинарите по трилатералниот состанок во Елисејскиот дворец во Париз.
Макрон рече дека координацијата со Кина во врска за Украина е „апсолутно одлучувачка“.
Двајцата европски лидери сакаа да му нагласат на Кси дека и покрај сегашните тешкотии на Украина, тие се решени да продолжат да ја поддржуваат и дека Пекинг мора да разбере дека конфликтот најверојатно ќе трае и дека западните сили не се подготвени да го напуштат Киев, велат дипломатски извори.
Западните сили повеќе од една година се обидуваат да ја убедат Кина да не ѝ дава воена поддршка на Русија.
Дипломатски извори рекоа дека Кси јасно ставил до знаење дека Пекинг нема намера да ја снабдува Москва со оружје и дека е подготвен да го разгледа прашањето за материјалите со двојна употреба што овозможуваат воени напори на Русија.
Тие рекоа дека сега ќе треба да видат дали обврските ќе се претворат во акции. Во моментов ЕУ разговара за можни санкции против некои кинески компании.
Кинеските државни медиуми ја цитираа изјавата на Кси дека сите страни сакаат предвремен прекин на огнот, враќање на мирот во Европа и избегнување на понатамошна ескалација.
„Кина не ја создаде украинската криза, ниту е нејзина страна“, рече Кси, цитиран од државните медиуми. „Кина цело време работеше напорно за да ги олесни мировните преговори“, додаде тој.
Рускиот претседател Владимир Путин се очекува да отпатува во Кина подоцна во мај, што би можело да биде негово прво патување во странство во неговиот нов претседателски мандат.