Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе се сретнат на југот од Франција, на еден ден пред клучниот самит на ЕУ на кој може да биде одобрен договор за Брегзит.
Меркел и Макрон прво ќе го посетат седиштето на компанијата Ербас, како симбол на европската индустриска соработка, а потоа ќе одржат билатерални разговори и седница на двете влади во Тулуз, јавија американските медиуми.
Тие ќе разговараат за Брегзит, додека официјални претставници на ЕУ и Велика Британија се трудат да постигнат договор пред самитот во Брисел во четврток, последен пред предвиденото излегување на Велика Британија од ЕУ, на 31 октомври.