Макрон: На Западен Балкан треба да му се понуди перспектива за членството во ЕУ

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска изјави дека на земјите од Западен Балкан треба да им се понудат „искрени“ перспективи за членство во Европската унија.

Во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур по повод почетокот на француското шестмесечно претседавање со ЕУ, Макрон рече дека Унијата треба да ги преиспита односите со земјите од Западен Балкан, пренесе Ројтерс.

На Западен Балкан треба да му се понудат искрени перспективи за членство во Унијата, рече Макрон, чија земја во јануари го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ.

Макрон во говорот потсети на новата процедура за пристапување во ЕУ.

-Ние ја модернизиравме процедурата за преговарање овие последни месеци, исто така, многу конкретно знаеме дека сегашна Европа со нејзините оперативни правила што може да стане Европа на 31, 32 или 33, затоа нема да се лажеме самите себе си, рече Макрон.

„Во контекст на конференцијата за иднината на Европа и резултатите следниот мај, ние треба да ги преиспитаме нашите правила за одлучување, за да ги направиме појасни, почитливи, за да можеме побрзо и посилно да одлучуваме, но и политички да бидеме искрени за рамката на таа Европа во која Западен Балкан има место”, нагласи францускиот претседател.

-Еве зошто конференцијата за иднината на Европа треба да биде проследена со конференција за Западен Балкан организирана веднаш по неа, по која ќе бидеме во можност да се осврнеме на оваа клучна тема, заврши тој.