Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека неговата земја потврдила дека повеќе од 300 радикални исламисти пристигнале од Сирија, преку турски Газијантеп, во зоната на конфликти во Нагорно Карабах.
– Однесувањето на Турција не е достојно за земја членка на НАТО и ние веруваме дека ваквите активности се целосно неприфатливи. Во овој случај, црвената линија е веќе премината – изјави Макрон по првиот ден од самитот на ЕУ во Брисел.
Тој објасни дека повеќе од 300 сириски исламистички милитанти биле изнесени од зоната Алепо и потоа биле распоредени во зоната на конфликтот Нагорно Карабах преку турски Газијантеп со цел да учествуваат во непријателски акции на страната на Азербејџан.
– Ова е потврден факт, овие лица се идентификувани и следени, и сите се поврзани со терористичката организација „Исламска држава“ – изјави Макрон.
Тој додаде дека разговарал за тоа со рускиот претседател Владимир Путин, кој, потврдил дека Русија била информирана за тоа.
Макрон најави дека Франција, Русија и САД, како копретседатели на Минската група на ОБСЕ, ќе презентираат низа иницијативи за запирање на конфликтите во Нагорно Карабах што е можно поскоро.